Фото: Принтскрин

Европската централна банка (ЕЦБ) го започна процесот на редизајн на евробанкнотите, со цел тие да бидат побезбедни, поиздржливи и попристапни за сите граѓани.

ЕЦБ претстави 10 предлог-дизајни, а јавноста ќе може да гласа за нив до 21 септември. Конечниот изглед на новите банкноти треба да биде избран до крајот на годинава.

Новите евробанкноти ќе добијат понапредни заштитни елементи против фалсификување, ќе бидат изработени од поиздржливи материјали и ќе бидат полесни за користење, вклучително и за лицата со оштетен вид.

Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека сегашниот дизајн со прозорци, врати и мостови ја симболизира европската соработка и интеграција, но по повеќе од две децении е време банкнотите да станат поблиски и попрепознатливи за граѓаните.

Еврото е официјална валута во 21 од 27-те земји членки на Европската Унија и го користат повеќе од 357 милиони луѓе. Во оптек се банкноти од 5, 10, 20, 50, 100 и 200 евра, додека банкнотата од 500 евра повеќе не се печати од 2019 година поради ризик од злоупотреба за перење пари и финансирање тероризам.

По изборот на конечниот дизајн ќе следува повеќегодишен процес на подготовка, по што новите банкноти постепено ќе бидат пуштени во оптек. Дотогаш сегашните евробанкноти ќе останат во важност и ќе продолжат да се користат како законско средство за плаќање.