Пентагон подготвува нова нуклеарна стратегија со која САД би биле поподготвени да одговорат на евентуални закани од Русија или Кина, објави телевизијата „Ен-би-си“, повикувајќи се на извори од американското Министерство за одбрана.
Според висок претставник на Пентагон, стратегијата има цел да му обезбеди на американскиот претседател Доналд Трамп повеќе „кредибилни нуклеарни опции“ во случај на криза, особено доколку американски сојузници бидат нападнати во регионален конфликт.
Планот, кој го надгледува шефот за политика во Пентагон, Елбриџ Колби, предвидува поголем акцент на тактичкото нуклеарно оружје со краток дострел, наместо исклучиво потпирање на стратешките ракети со долг дострел.
Колби подолго време тврди дека сегашната американска нуклеарна доктрина не е доволно убедлива, бидејќи се темели на закана со употреба на стратешко оружје со разорна моќ.
– За одвраќањето да биде кредибилно, политичкото раководство мора да располага со нуклеарни опции кои реално би можеле да се употребат во кризни ситуации – изјавил претставникот на Министерството за одбрана.
Извор од Конгресот, запознаен со предлогот, оценил дека стратегијата е во согласност со ставовите на претседателот Трамп за зајакнување на американското нуклеарно одвраќање.
Нуклеарно оружје не е употребено во воен конфликт од 1945 година, кога САД ги фрлија атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, со што беше забрзан крајот на Втората светска војна.

































