КУД „Нико Пусоски“ – Кичево, друштво што годинава одбележува 76 години од своето постоење, го одржа традиционалниот новогодишен концерт во големата сала од Центарот за култура во Кичево. На сцената во преполната сала од Центарот за култура продефилираа повеќе од 120 игроорци од сите генерации, како и солисти и пејачки групи што се дел од друштвото. Посетителите со громогласни аплаузи го поздравија настапот на друштвото и, според зборовите на присутните, ова беше годишен концерт за незаборав.
– Мораме и можеме во целост да бидеме задоволни од она што вечерва го прикажавме пред домашната публика во Кичево. Сите генерации игроорци, почнувајќи од најмалите, од седум години, па до најстарите, го дадоа својот максимум, а аплаузите беа најдобра награда за она што го прикажавме оваа вечер во родниот град. Беа одиграни „Преспански игри“, играта „Бувчанка“, фрагменти од игрите „Лазаренки“, игри од Пиринска Македонија, игри од Овче Поле, „Тропнало оро“ и многу други, а пејачката група и солистите на друштвото изведоа повеќе народни песни за да се комплетира овој незаборавен настан – истакна Аце Јованоски, кореограф на друштвото, кој сѐ уште беше под импресии од громогласните аплаузи на присутната публика во салата.
Членовите на друштвото беа презадоволни од она што го прикажаа на новогодишниот концерт, а многубројното присуство на публиката во салата беше потврда дека фолклорните игри и песни се вистински магнет за граѓаните на Кичево.
– Вечерва имавме незаборавен концерт, кој долго ќе остане во нашата меморија. Повеќе од три месеци се подготвуваме за овој настан и, според изведбите а и аплаузите на публиката, можеме да бидеме наполно задоволни. Потврдивме дека, и по 76 години постоење, КУД„Нико Пусоски“ работи како на почетокот, со полна пареа, на задоволство на многубројните љубители на фолклорот во градот – додаде Бошко Сарафилоски, член на друштвото. З.А.