В четврток во „Паблик рум“ сесија во живо ќе има бендот КЕМ, со поддршка од нивните пријатели „Прва гарда“ и Џиги. KEM е рап-бенд од Скопје што го шари типичниот колорит на рап-сцената во главниот град, хипхоп-бенд со нетипичен осврт на жанрот.
Нивните настапи започнуваат уште со првите изданија во 2022 година, кога објавуваат серија синглови и албумот „Columba Noachi“, кој ја раздвижи сцената. Годинава, со издавањето на вториот студиски албум „Камен пламен татко“, покажуваат нова енергија и бран на креативност што веќе се чувствува во редовите на бендот и со нетрпение чекаат да го претстават пред публиката.
Во бендот членуваат: Емир Јашаров, продуцент и гитарист, Марко Марковски, вокал, Катерина Начева, вокал и басистка, и Марко Захариев, тапанар. КЕМ е фузија од инди, хипхоп, аренби, семплови од авторска гитара и синтисајзер, пикник-мелодија и поезија со истовремена критика до општеството, што од неодамна ја раздвижува алтернативната музичка сцена кај нас. Освен што ги носи иницијалите од нивните имиња, името на бендот е инспирирано и од КИМ, југословенски џез-рок бенд од 1980-тите години. Албумот „Columba Noachi“ го снимија во пандемиските 2020 и 2021 година.
Тие имаат поддршка од сцената, другите бендови, постари музичари и, секако, од растечкиот колектив „Гола планина“, од кој се дел. Колективот „Гола планина“ е музичко здружение на младиот бран музичари што творат авторска музика во рамките на Македонија. Главен стимул за основање вакво нешто им е разнишаната музичка индустрија во нашата држава, како и нејзината одбивност да соработува со младите, притоа влевајќи песимизам во домашната култура, градејќи необновлива средина за новата генерација. Леон Шумански, задолжен за менаџмент и комуникации во колективот „Гола планина“, е еден од основачите на колективот.