Добро е познато колку оралната хигиена е важна за нашето целокупно здравје. Но дали знаевте дека постои врска помеѓу повлекувањето на непцата и губењето на забите и намалувањето на волуменот на мозокот поврзано со Алцхајмеровата болест?
Рецесијата на гингивата може да се дефинира како процес на повлекување на горниот раб на непцата во насока на врвот на коренот на забот. Јапонските научници дојдоа до ова сознание, а според списанието „Сајенс дејли“, истражувачите од универзитетот „Тохоку“ во Јапонија ја испитувале поврзаноста на хипокампусот, дел од мозокот за кој е познато дека се намалува со напредувањето на Алцхајмеровата болест, со оралното здравје.
Орални прегледи, магнетна резонанца и скенирање на мозокот беа направени двапати, со разлика од четири години, кај 172 лица на возраст од 55 и повеќе години, без историја на когнитивни болести.
Забележано е дека намалувањето на бројот на забите и зголемувањето на тежината на гингивалните заболувања резултира со брзо намалување на левиот лобус на хипокампусот, кој ги контролира размислувањето и меморијата. Истражувачите забележале дека губењето на забите е еквивалентно на една до 1,3 година стареење на мозокот.
– Заболувањето на непцата и губењето на забите, кои се предизвикани од воспаление на ткивото, се најчестите стоматолошки заболувања. Затоа е неопходно да се процени неговата можна поврзаност со деменцијата – вели Сатоши Јамагучи, еден од авторите на студијата чии резултати беа објавени во списанието „Неуролоџи“.