Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата разговори со академикот Влада Урошевиќ, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски. Книгата ги содржи разговорите што Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од дваесет години. Оваа книга е точно 800-та книга во издание на издавачката куќа „Антолог“.
Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози
водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор
од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, разговори од 2023
година. На овие страници се допрени најголемиот дел од творечките
преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за
поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и
односот кон современиците. Во книгата, Урошевиќ дава свое видување на некои од главните преокупации во сопственото творештво: првичните поттици за пишување, детството како голема тема во литературата, опседнатоста со градот,
необичните простори, куќата како топос, летото и медитеранските теми,
алхемијата, поетиката на надреализмот, љубовта кон сликарството и
интересот за светот и животот на инсектите и, воопшто, животните,
различните цивилизации и култури. Исто така, може да се прочита неговата
лична перспектива за македонската книжевност од крајот на педесеттите
години, а интересни се и неговите лични согледувања и мини-портрети за
некои од најзначајните македонски писатели, кои биле негови современици,
пријатели или соработници. Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек што својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.
Владимир Јанковски е роден во 1977 година во Скопје. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет
„Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во неколку издавачки куќи. Има објавено шест книги: „Скриени желби, немирни патувања“
(2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко
отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката;
разговори за Влада Урошевиќ“ (2003). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. В.Д.