По настапот на „Прљаво казалиште“ во Пробиштип

Во Пробиштип, градот познат по своите рудни богатства, голем дел од населението се занимава со услужни дејности, но и со она по што е најпознат – рударството. Во далечната 1929 г. рударите штрајкувале за подобри работни услови и зголемување на личните доходи и во спомен на тој штрајк е прогласено 28 август да биде Ден на македонските рудари. На тој ден се организираат разни свечености за да им се оддаде почит на тие храбри луѓе.

Оваа година централната прослава беше на градскиот плоштад, на 27 август, каде што и младите и старите се забавуваа на музиката на групите „Бело копче“ од Македонија, „Фрајле“ од Србија и мегаѕвездите од Хрватска „Прљаво казалиште“. Во моментов во Хрватска постојат две групи со името „Прљаво казалиште“. Едната е на поранешниот пејач и тогашен лидер Даворин Боговиќ (кој пеел со нив во периодот од 1977 до 1980 г., како и на албумот „Корак од сна“ од 1983 г.), заедно со основачот и тапанар Тихомир Филеш, кој успева да го заштити името, дури и заштитниот знак (исплазен јазик), и под тоа име настапува насекаде, снима плочи, создава песни.

Другата група е на лидерот, композитор, текстописец Јасенко Хоура и со него е пејачот Младен Бодалец (тој е со нив уште од 1984 г.). На вториве еден период им беше забрането да настапуваат под името „Прљаво казалиште“, но со одлука на еден од судовите им се дозволи да го употребуваат името.

Додека настапуваат „Фрајле“ се сретнувам со Јасенко Хоура, лидерот на „Прљаво казалиште“, и со пејачот Младен Бодалец.
– Првпат сме во Пробиштип и можам да кажам дека сум пријатно изненаден од гратчето, луѓето и атмосферата. Неколку години по ред се договаравме, но дури сега се создаде шанса да свириме тука. Во моментов работиме на нов албум, кој сега за сега има два работни наслова. Еден од тие два ќе биде официјален и се надевам дека за кратко време ќе го издадеме. Во меѓувреме издадовме и две нови песни, кои наидоа на многу добар прием кај публиката – вели Јасенко, кој е комплетен автор на 95 отсто од песните и текстовите на „Прљаво казалиште“.

Групата активно настапува во регионот.
– Концертите се посебна приказна. Барани сме многу, веројатно онаа младост во онаа поранешна Југа ги врзува сите со еден прекрасен период со нашите песни. Пред некој ден бевме на Оребич – Пељешац, денес сме тука, во Пробиштип, за некој ден одиме во близината на Славонски Брод и така… Ние одржавме неколку концерти и во минатиот период во Македонија и, како што забележавте, и млади и стари ги знаат нашите песни – вели лидерот на групата.

Концертот почна околу 23.55 часот и траеше долго. Првата изведена песна беше „Писма љубавна“, споена со „Добар ветар у леѓа“, а во исто време на небото над плоштадот имаше огномет. Прекрасна глетка. Публиката (околу 3.000 гледачи) од самиот почеток ги пееше сите песни заедно со Младен Бодалец, дури и новите песни „Старе навике“ и „Макни се“. Потоа се редеа: „Све је лако кад си млад“, „Црно-бели свет“, „Ми плешемо“, „Херој улице“, „Корак од сна“, „Ту ноч кад си се удавала“… Стопени срцата на пробиштипската публика, секој риф на гитарата потсетува на младоста. Прекрасна ноќ во еден прекрасен град со прекрасна публика и со можеби најрокерската група на овие простори.

Љупчо Давчев