Фото: Пиксабеј

До крајот на деценијата во продажба треба да се појави првиот автомобил со логото на „Епл“, кој ќе има радикално поинакво ветробранско стакло на кое компанијата би можела да примени технологија за проширена реалност. Станува збор за технологија што ја поставува дигиталната содржина над физичкиот, реалниот свет, а можностите за користење на оваа технологија во автомобилите се различни: прикажување информации за брзината, статусот и полнењето на батеријата, притисокот во гумите. Овие информации ќе бидат дигитално прикажани на шофершајбната.

Во случај на пребрзо возење, на шофершајбната би можеле да бидат прикажани дигитални лежечки полицајци за возачите да забават. Ако системот препознае дека има деца околу автомобилот, предупредувањето ќе биде прикажано на шофершајбната за возачите да можат да ја приспособат брзината.

За успешно да се имплементира технологијата ќе биде потребен посебен хардвер, како камери, сензори, ултразвучни и ласерски радари што би создале 3Д-мапа на патот. Системот би можел дигитално да ги заокружи патните знаци на шофершајбната за да го предупреди возачот за ограничувањата на брзината, потенцијалните опасности на патот и сл.

Како „Епл“ ќе ја имплементира оваа технологија сѐ уште не е откриено, но постои можност компанијата да ја лиценцира на различни автомобилски компании.