Во Културниот центар во Белград, во организација на Македонскиот КИЦ, со поддршка на Министерството за култура и туризам, се одржа рецитал за флејта со Фјола Рамадани, со пијано-придружба на Јасна Аврамовска. Настанот го отворија директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, и уредничката на музичката програма на Културниот центар во Белград, Дамјана Његиќ. На програмата беа изведени дела од Пјер Санкан, Шарл-Мари Видори Франц Шуберт, како и музичкото дело „Инвенција Сиринкс“ од нашиот композитор Томислав Зографски.
Флејтистката Фјола Рамадани (Скопје, 2003 г.) дипломирала на Универзитетот за музика и уметност во Анкара, во класата на професорите Х. Х. Тургај и О. Учар. Се усовршувала на магистерски курсеви во Париз и во Истанбул. Освоила голем број награди на меѓународни натпревари, вклучувајќи ги првото место на Меѓународниот натпревар по камерна музика КМК во Кавадарци, второто место на Меѓународниот натпревар „Арс Косова“ во Приштина, третото место на меѓународниот фестивал „Полихимнија“ во Скопјe и третото место на Меѓународниот студентски натпревар во Анкара. Настапувала во Скопјe, Анкара, Асос, Истанбул и Загреб.
Пијанистката Јасна Аврамовска дипломирала во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска и проф. Тодор Светиев на Факултетот за музичка уметност во Скопјe. Магистрирала на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Бугарија, во класата на проф. Жени Захариева. Настапувала како солистка со домашни и странски оркестри и како членка на ансамбли во неколку европски земји, Турција и Соединетите Американски Држави. Добитничка е на признанието од Истанбулската филхармонија со статус на почесен уметник од Македонија. Вработена е во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ како наставничка по пијано и како уметничка соработничка на Факултетот за музичка уметност. Таа е членка на Здружението на музички уметници и музички педагози на Македонија.