Научниците пронајдоа чудни украси изработени од метал што не е познат на Земјата. Пронајдената белезица и шуплива полутопка украсени со злато, очигледно се исковани од железо од метеорит. Откритието, предводено од Салвадор Ровира-Љоренс, сега пензиониран раководител за конзервација во Националниот археолошки музеј на Шпанија, сугерира дека технологијата и техниките за обработка на металот пред повеќе од три милениуми на Пиринејскиот Полуостров биле многу понапредни отколку што се мислеше.
Богатството од Вилена, кое се состои од 66 претежно златни предмети, е откриено во 1963 година во Аликанте, Шпанија, и оттогаш тие се сметаат за едни од најважните примероци на злато од бронзеното време во овој дел од светот.
Но на експертите им беше тешко да ја одредат староста на двата предмета. Малата шуплива полутопка, која веројатно била украс за жезло или меч, и белезицата изгледаат како да се направени од железо, односно не припаѓаат на бронзената доба, како што пишува „Сајенс алерт“. Железното време започнало на Пиринејскиот Полуостров околу 850 година пр. н.е., а пронајдените предмети потекнуваат помеѓу 1500 и 1200 година пр. н.е. Затоа и претставуваат загатка за научниците. Поради тоа тие претпоставуваат дека станува збор за железо од метеорит, кое содржи многу повеќе никел отколку железото што потекнува од Земјата. Експертите побарале дозвола од Градскиот археолошки музеј на Вилена, каде што се наоѓа збирката, за да ги тестираат овие два необични предмети. Користејќи спектрометрија (техника што се користи за анализа на молекулите врз основа на нивната маса), тие го утврдиле нивниот состав и, и покрај високиот степен на корозија, откриле дека предметите најверојатно се направени од железо од метеорит. Поради корозијата на предметите, резултатите не се сметаат за конечни. Во иднина се очекуваат понови неинвазивни техники што би можеле да ги потврдат резултатите од анализата. Тоа би ја решило мистеријата за староста на колекцијата – сите предмети се направени приближно во истиот период, околу 1400 до 1200 година пр. н.е., при што некои од нив кријат материјал што не ѝ припаѓа на оваа планета.