фото: Илустрација

Денеска во кафе-книжарницата „Метаноја“ во 19.30 часот ќе се одржи промоција на најновата поетска книга на Филип Клетников, „Темнослов“. Книгата, како што сугерира нејзиниот симболичен наслов, кој е влезна врата во нејзиниот свет, со една понорна и метафизичка рефлексија ја истражува човековата егзистенција, поставувајќи го во своето средиште човекот како суштество распнато помеѓу реалното, сетилното и спознајното, и тоа смело, непредвидливо и со автентичен и крајно динамизиран поетски израз и јазик.
Станува збор за поезија со исклучителен рефлексивен набој, пишувана во експресионистички стил, поезија што слегува во најдлабоките бездни на постоењето, од каде што како референтна точка наедно се откриваат и неговите највисоки врвови. Во најновата поетска книга на Филип Клетников се застапени десет уметнички дела од циклусот „Гаврани“ од американската уметница Лури Легард како органски дел од поетиката на „Темнослов“.