Годинашниот „Стартап-викенд Скопје“ ќе се одржи од 1 до 3 ноември и ќе го сврти вниманието кон една од глобалните актуелни теми – „Социјална иновација“. Овој тридневен настан претставува мотивациска средина за млади претприемачи, креативци и ентузијасти за да ги презентираат своите идеи и да креираат иновативни решенија за најважните социјалнo-oпштествени предизвици. Настанот е поддржан од „Гугл за претприемачи“ и е дел од глобалната мрежа на „Тичстарс стартап викенд“, кој се организира во повеќе од 159 земји и низ кој поминале над 430.000 млади претприемачи.
– Социјалната иновација претставува процес на создавање нови идеи што водат кон системски промени и општествени придобивки. Во текот на овој настан, учесниците ќе работат заедно на решавање проблеми поврзани со здравството, едукацијата, заштитата на животната средина, јавните услуги и слично. Тимовите со помош на новите технологии и вештачката интелигенција ќе дојдат со идеи што ќе се трансформираат од концепти во конкретни и остварливи проекти, со помош на водечки локални и меѓународни ментори и експерти – велат организаторите.
Оваа година е одбрана темата „Социјална иновација“ затоа што светот перманентно се соочува со комплексни социјални и еколошки проблеми, па потребата за иновации што можат да донесат значајни и одржливи промени е од витално значење. „Стартап-викенд Скопје“ ќе обезбеди уникатна можност за учесниците да ги развијат своите идеи во динамична и колаборативна средина. Преку овој настан, ќе се поттикнуваат идеи што нудат решенија насочени кон создавање позитивен социјален импакт и подобрување на животниот квалитет на сите засегнати заедници.
– И оваа година ќе обезбедиме поддршка и ресурси за учесниците да ги трансформираат своите идеи во успешни и одржливи проекти. Социјалната иновација значи користење на креативноста и технологијата за адресирање на социјалните проблеми, претворајќи ги иновативните идеи во вистински решенија, кои ќе ги направат општествата поодржливи и инклузивни. Покрај можноста за создавање позитивен социјален импакт, овој настан е одлична можност за младите професионалци и стартап-ентузијасти да се вмрежат, да формираат тимови, да научат нови вештини и да се инспирираат од експертите и визионерите, кои ќе ги споделат своето искуство и знаење и ќе им помогнат во развивање иновативни бизнис-идеи насочени кон решавање социјални предизвици – стои во најавата за настанот.
Минатите изданија не само што креираа успешни претприемачки потфати туку и го мотивираа општеството да размислува на нови начини за решавање на предизвиците. Оваа година се очекуваат уште поголем интерес и инспиративни проекти што ќе донесат значајни промени. Поканети се сите иноватори, стартап-ентузијасти, програмери, дизајнери, млади претприемачи, социјални работници да се придружат и да бидат дел од оваа иновативна авантура и да се приклучат кон мисијата за создавање подобри социјално-општествени услови.