Фото: М.Т.

По концертната промоција на новиот албум на Александар Јовевски „Од колено на колено“ во Македонска филхармонија

Александар Јовевски вчеравечер својот сон го претвори во јаве. Долго и со љубов подготвуваниот албум „Од колено на колено“ концертно прозвуче во малата сала на Македонската филхармонија и ги оживеа сите песни пред присутните. Звукот на минатото допре до нас збогатен со емоциите, умешноста и виртуозноста на Јовевски, но и на сите музичари кои го придружуваа на сцената. Тој најпрво не погали со својот кавал, а потоа згрме салата во неправилниот ритам и во истиот миг сите бевме дел од неговата музичка приказна, која траеше безмалку два часа.

Каролина Петковска, која на почетокот ги поздрави присутните и со низа мелодични зборови не воведе во настанот, посочи дека албумот „Од колено на колено“е амананет за вистината, за животот кој што одминува како трепет на окото.

– Песните на Јовевски, допрени од авторот, пред вас ќе блеснат како зрна монистра, обоени со љубов, надеж, немир… Ќе слушнете музика во која оживуваат сите универзални човечки вредности. Ќе бидете сведоци на премостување далечини со мигови вредни за паметење – рече Каролина Петковска.

Фото: М.Т.

Александар Јовевски рече дека ова е еден од најзначајните денови во негвоиот живот, и им порача на присуните да уживаат, но и да ја негуваат македонската народна музика, која за нас е и минато, сегашност, иднина, со еден збор – идентитет.

И овојпат се покажа и докажа дека во богатиот, неисцрпен ковчег на македонскиот фолклор има уште многу вредни музички парчиња за откривање, а дел од нив слушнавме вчеравечер, облечени во ново руво, но со истата силна порака – кога љубовта за македонската народна музика се пренесува од колено на колено, не треба да се плашиме за иднината, бидејќи знаеме, кои сме, што сме, колку вредиме како народ.

Посведочивме дека вистинската музика е онаа која извира од душата и те крева од земјата, но истовремено те прави многу горд, силен, самоосознаен и свесен дека си дел од ѓердан со бескрајна низа музички бисери. Уште еднаш се уверивме, благодарение на врвните професионалци, дека нашата народна музика е рамо до рамо со светската класика, автентична и длабока како и кога била созадена од народниот гениј. Вредноста е уште поголема, ако таа е во фокусот на музичари и автори како Александар Јовевски, кој својот творечки пат го продолжува врз оваа разгазена патека, а новите дела што ги создава ги збогатува со знаење и емоции.

Фото: М.Т.

Е токму тие, емоциите, вчерашниот концерт го направија магичен. Публиката уште по првата песна, почувствува дека присуствува на уникатна концертна промоција и не ги штедеше дланките, кои громко аплаудираа во тактот на музиката.

Уживавме во изведбите на шесте авторски композиции на Јовевски, создадени во духот на македонската традиција, но со нов музички израз.: „Александров танц“, за кој е снимен и впечатлив видео запис во режија на Даниел Јовески, „Tамбурски вез“, „Кавал гали“, „Игра на инструментите“, „Длабочина“, „ЈовАнина“,посветена на неговите ќерки, како и народните „Изникнало криво крувче“, „Сношти го видов мамо мори убавото Стојне“, „Ајде мала Стана болна легна“, маестралната „Бај Никола“, која беше изведена и на бис и го означи крајот на оваа музичка средба за паметење.

Гостите, заедно со музичарите кои го придружуваа на сцената, му дадоа уште посвечена димензија на концертот: гудачки квартет, женско пејачко трио: Мартина, Фросина и Габриела, која имаше и свои соло точки, гитаристот Петар Ренџов, со кого Александар неодамна го реализираше музичкиот проект „Скопски приказни“, извонредните пејачки Елена Андоновска и Елена Васова, балерината Сара Цветковска и етно групата „Монистра“, чиј основач е токму Александар, која исполни на маестрален начин три музички точки, се разбира заедно со Александар кој, како да си поигруваше со кавалот и тамбурата.

Фото: М.Т.

Како проект поддржан од Министерството за култура, се надеваме дека албумот „Од колено на колено“ ќе го најде вистинскиот пат до срцата на слушателите и ќе стигне и надвор од нашите граници, покажувајќи му на светот дека има уште многу музички бисери во ковчежето со македонското музичко наследство. Воедно тоа ќе биде најубав подарок за сегашните, но и за генерациите што доаѓаат. И така, од колено на колено, ќе ја чуваме нашата фолклорна традиција, песни и обичаи, кои веруваме долго ќе живеат во колективната меморија на Македонците, каде и да се.

Македонската телевизија го снимаше концертот и одложно ќе го емитува на програмата.

Фото: М.Т.