Фото: Пиксабеј

Гледањето телевизија е една од најчестите активности во слободното време, но дали знаете дека тоа може да има негативни последици по вашето ментално здравје? Новото истражување покажа дека гледањето премногу телевизија може да го зголеми ризикот од деменција, Паркинсонова болест и депресија, особено кај средовечните и постарите луѓе.
Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 473.000 луѓе на возраст меѓу 39 и 72 години во Велика Британија во период од четири години. Оваа студија покажа дека оние што гледале повеќе од четири часа телевизија дневно имале 28 отсто поголем ризик од развој на деменција, 35 отсто поголем ризик од депресија и 16 отсто поголем ризик од Паркинсонова болест, во споредба со оние што гледале помалку од еден час телевизиска програма секој ден.
Умереното користење компјутер надвор од работа, меѓутоа, се чини дека е како заштита. Оние што користеле компјутер од 30 до 60 минути дневно имале помал ризик од деменција, Паркинсонова болест и депресија отколку оние што помалку го користеле компјутерот. Замената на користењето компјутер со исто количество вежбање, во период од 30 минути дневно, беше поврзана со намален ризик од деменција и Паркинсонова болест.
Врската помеѓу долгите периоди на гледање телевизија и повисокиот ризик од Паркинсонова болест и деменција може да се должи на недостигот од физичка активност, сугерираат авторите.
Тие додаваат дека седечкиот начин на живот е поврзан со биомаркери на хронично воспаление и промени во воспалителните маркери, кои би можеле да иницираат или влошат невроинфламација и да придонесат за невродегенерација.
Истражувањето, предводено од д-р Ханжанг Ву, од Универзитетот за традиционална медицина во Тијанџин, Кина, беше објавено неодамна во „Џрнал од бихевијорал нутришн енд физикал активити“.
Ова истражување, меѓутоа, има некои ограничувања. Однесувањето поврзано со должината на користењето на ТВ-екранот беше оценето со користење самоизвестување, кое можеби е предмет на пристрасност за меморијата, а можеби имало и други фактори што влијаат на наодите што истражувачите не ги зеле предвид.