Премиерата на комедијата „Жени во црвено“ ќе се одржи на 9 октомври, во 19 часот, на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Претставата, која ја носи „Јес продукција“ од Скопје, ги обединува на сцената неповторливите актерки Олга Одановиќ, Дубравка Мијатовиќ, Анастасија Мандиќ и Сена Ѓоровиќ, во режија на Бојана Лазовиќ. Нивната изведба ветува вечер полна со смеа и со забава.
Претставата раскажува за четири жени што се наоѓаат во комична, но истовремено и сериозна ситуација. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината сестра Нора, која е невработена, се соочуваат со финансиски тешкотии и неможност да го платат својот станбен кредит. Динка, службеничка од банката, доаѓа со намера да го конфискува имотот, но се соочува со неочекуван отпор од сестрите. За да го задржат својот дом, тие преземаат драстични чекори, додека надвор од нивната зграда полицијата и специјалните единици го заоструваат конфликтот. Во меѓувреме, на местото на настанот пристигнува полицајката Анѓа, со свој личен проблем.
„Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животни предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.
Режијата е на Бојана Лазовиќ, сценографијата и костимографијата на Јелена Стокуќа, а музиката на Ирена Поповиќ Драговиќ Оваа претстава нуди навидум лесен, но длабок поглед на апсурдноста на современото живеење и борбата за опстанок.