На денот кога Влатко Илиевски ќе наполнеше 37 години, 2 јули, на јавноста ѝ беше претставен албумот „Последно танго“, со песни што беа подготвувани за негов нов носач на звук, пред четири години, но, за жал, не се случи тоа. Сепак Драган Илиевски-Вршац, заедно со група ентузијасти, соработници и пријатели на Влатче, успеа да ги собере на едно место овие рефрени, со што на сите што го сакаа и почитуваа легендарниот пејач, а нивниот број е навистина голем, им овозможи уште една средба со него.
На прес-конференцијата организирана по тој повод во саботата напладне, во ресторанот на ФК Работнички во Градскиот парк во Скопје, чиј домаќин беше познатиот музички новинар Иван Беќковиќ, свои спомени од соработката со „златното момче на македонскиот рокенрол“ кажаа и: Кристијан Габровски, Владимир Дојчиновски-Дојчин и Ристо Самарџиев, кои учествуваа и во создавањето на албумот „Последно танго“.
– Треба да бидеме среќни зашто го познававме Влатко и со овие песни ќе го продолжиме споменот на него. Албумот се создаваше неколку години и тој постојано беше во студио и кога ќе завршеше нов материјал, кај Дојчин, кај Кристијан или беше плод на соработка со Ристо Самарџиев, секогаш имаше понекоја нова песна на ум. А, на носачот на звук се ставени 14 песни, некои ги претстави, а некои не успеа да ги објави. Има и соработка со Зеле Липовача од босанската група „Дивље јагоде“, поточно Влатко ја испеа „Не желиш крај“ и Зеле даде зелено светло да биде објавена. Упатувам благодарност до Драган, таткото на Влатко, кој најде сили да ги собере и објави сите овие песни. Тука се „Сети се“ и „Божиќна песна“, кои ги отпеа со хорот „Златно славејче“, прекрасниот дует „Љубов“, кој го сними со Јулија Димчевска, а за другите ќе слушнете од нивните автори – рече Иван Беќковиќ.
Кристијан Габровски откри дека со Илиевски почнал да соработува во 2003 година.
– Кога Влатко почна да соработува со Весна Малинова и со Дарко Тасев, и јас се вклучив во создавањето нови песни за него. Дружбата ни беше извонредна, многу песни се снимија кај мене, повеќето сѐ уште се слушаат. Работејќи на овој албум, прво со Ристо Самарџиев направивме избор од 14 песни. „Со тебе најдов среќа“, „Сѐ ќе покрие прашина“, „Кој ли е ден“, „Комшике убава“ се мои, а ги најдов песните во мојот компјутер, а Дарко Тасев ми помогна во свирењето гитари. Насловната „Последно танго“ беше претставена на „Макфест“. Според мене, сите песни се одлични – рече на прес-конференцијата Кристијан Габровски.
Владимир Дојчиновски-Дојчин откри дека со Влатче биле одлични другари и соработници.
– Заедно бевме на „Евровизија“, на „Сунчане скале“ и на други фестивали надвор од Македонија, а го следев на некои настапи во земјава, како и на концертот во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој е првиот наш пејач што ја наполни оваа сала, а концертот имаше многу гости и траеше три и пол часа. „Вило вилена“, испеана на „Макфест“, и „Љубов“, која премиерата ја имаше на „Скопскиот фестивал“ се мои, како и „Македонка“, која е од субвенционираните дела. Ова е убав шаренолик албум, кој ги следи искреноста и креативноста – вели Владимир Дојчиновски-Дојчин.
Албумот го отвора извонредната „Дајте му ја“, исполнета на „Охрид-фест“ во 2017 година, по која следуваат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Сѐ ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија, 2016-та), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“ („Макфест“, најслушана песна меѓу два фестивала), веќе споменатата „Не желиш крај“, како и „Сети се“ и „Божиќна песна“, снимени со хорот „Златно славејче“.
Како посебен куриозитет, на албумот ќе се најде и првата песна на Влатко Илиевски (која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмоодделенец) – „Together Again“, негово авторско дело, за која самиот го сними и гитарското соло. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски-Маци (бас) од групата „Стил темпл“.
Ристо Самарџиев исто така бил голем пријател и соработник на Влатко, а прв го открил како талент кога тој бил седмо одделение.
Сите занеме каков беше Влатко, а позната е и нашата дружба. Остваривме две фестивалски соработки, за песните „Север и југ“ и „За љубов се пее докрај“. Сите мигови со него беа посебни. Се прашувам дали сме посиромашни ние што го знаевме и многу ни недостига или тоа се малиот број луѓе што не го запознале лично. Тој се дружеше со сите, беше посебен лик за нашето секојдневие, за македонската музика. Кога бев уредник на детска емисија во Сител, каде што работам и денес, едно од девојчињата од хорот „Златно славејче“ ми препорача да го слушнам Влатче на гитара. И дојде, се сеќавам, пееше песна на „Битлси“. Драго ми е што е издаден овој албум, што Енко помогна да се отпечати, со кој ќе се збогати музичката ризница кај нас – рече Ристо Самарџиев.
Се надоврза Иван Беќковиќ, кој дополни дека Влатко го запознал во 2001 година.
– Славчо од „Морал“ ми се јави и ми рече дека групата негова има нов пејач. И навистина, Влатко стана препознатлив како пејач на овој рок-бенд. Нашите муабети секогаш беа врзани за музиката, беше фасциниран од животот и кариерите на големите светски и бившојугословенски музичари – рече Беќковиќ.
И Урош Вељковиќ од групата „Стил темпл“ се потсети на времето кога почнал да свири со Влатче, а според Славчо Стојановски, Влатко станал познат со доаѓањето во „Морал“.
– Првпат го слушнавме на „Рок-фест“, каде што ние бевме специјални гости. Ме вчудовиде таа негова енергија и ме потсети на младиот Мик Џегер. Токму тогаш си замина нашиот пејач Орша и го повикавме Влатко да дојде во групата. Мислев дека има 19, а тој ми рече оти има 16 години. Сепак, решивме да отпее една наша песна, тоа беше „Мора да е кошмар“, снимивме и спот и тоа беше хит. Имавме голем успех, а каде и да се појавевме низ Македонија, Влатко беше популарен како Елвис Присли. До 2005 година имавме голем успех и бевме предгрупа на „Дип парпл“ на концертот во Скопје, но не најдовме спонзор да нѐ поддржи и Влатко тогаш почна соло-кариера, која беше одлична, со многу добри албуми.
На неговиот концерт во „Борис Трајковски“ настапивме заедно и го подготвивме албумот „Кофеин блуз“, кој од пејачки аспект беше негово најдобро дело. На сите ни недостига Влатко и драго ми е што на ваков начин можеме да се потсетиме на него – рече Славчо Стојанов.
Прес-конференцијата ја заврши Иван Беќковиќ.
– Денеска Влатко ќе наполнеше 37 години. Неговата музичка приказна беше една од најубавите на македонската музичка сцена. Би било убаво да има уште албуми со негови песни, да се организира голем концерт со неговите пријатели, да се сними документарец за неговата кариера, а секако и да се издаде една убава книга. Се надевам дека песните ќе живеат во радискиот етер – рече тој.
На крајот на оваа емотивна средба, Владимир Дојчиновски-Дојчин и Ристо Самарџиев во живо изведоа неколку познати песни на Влатко – „Најбогат на свет“, „Со други зборови“ и „За љубов се пее докрај“.