Филмот „Уметнички портрет на Илија Плевнеш“ ексклузивно беше премиерно прикажан на Наша ТВ викендов. Станува збор за документарец за младиот македонски музички и сценски уметник Илија Плевнеш (1984 – 2021), кој ненадејно почина во Париз, а својата академска и уметничка кариера ја оствари во Париз и во Њујорк. Тој е главниот херој на овој документарен филм, во режија на Константин Плевнеш.
Уметничкиот портрет започнува со документарниот филм „Токио ја сака Македонија“, кој му е посветен на интернационалниот сон на Илија Плевнеш за присуството на македонскиот јазик на сите меридијани, достигнувајќи до Јапонија, земјата на изгревот на сонцето.
Во филмот се појавуваат јапонската македонистка Јуми Накајума, која е авторка на повеќе научни истражувања посветени на оваа тема, а инспирирани од нејзините професори, и академиците Блаже Конески и Божидар Видоевски. Тука е и Хисаио Такахаши, јапонски историчар на уметноста и конзерватор, кој во Токио во 1986 година ја објавува капиталната монографија „Македонските фрески“, која станува светска референца за фрескописот во Македонија. Во филмот е присутен и јапонскиот сликар Киба Таканобе, учесник на Интернационалната ликовна колонија во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.
Специјална музичка композиција, под наслов „Илија – сонце во душата“, за оваа пригода создаде познатиот македонски композитор Горан Трајковски.
Во продолжение на уметничкиот портрет се појавуваат и двата авторски проекти на Илија Плевнеш: едниот сниман во Македонија, под насловот „Далеку од проблемите“, а вториот „Илија и Шакал во Париз“, кои се дел од неговиот авторски рап-албум, кој се очекува да се појави до крајот на годината.

Професорот Братислав Зафировски во филмот говори за неодамна објавената книга „Соноризацијата и ширењето на звукот“ од францускиот автор Лионел Едан, за која Илија Плевнеш напиша предговор, а Атанас Чупоски се осврнува на истражувањата на Илија Плевнеш за германскиот продуцент Артур Браунер (1919-2019), кој учествувал како копродуцент на култниот филм „Солунските атентатори“.
Извадок од филмот „Тајната книга“, македонско-француска копродукција во режија на Владо Цветановски, е дел на овој уметнички портрет, каде што во финалето на филмот Илија Плевнеш дава сопствен уметнички придонес со својата актерска креација што завршува токму во Париз, на платото на Француската национална библиотека, каде што и денес се чува единствениот препис на Тајната книга, за која во современата наука се тврди дека потекнува од Македонија. Во самиот портрет се претставени и поголем број поетски творби од Славе Ѓорѓо Димовски, Зоран Пејковски, Џејми Лоренс од САД, Паскал Галоа од Франција, Василка Аврамовска од Лондон, како и учество на повеќе членови на неговото семејство. Стиховите ги интерпретираат Роберт Вељановски, Сања Балсиќевска и Цветанка Вељковска.