Откако ќе го погледнете овој документарец, сигурно со други очи ќе го гледате дрскиот и харизматичен Роби Вилијамс

Неодамна на „Нетфликс“ беше објавен серијал од документарни филмови за животот на еден од најголемите поп-музичари во последните 30 години, Роби Вилијамс.
Режисерот на документарецот Џо Перлман го подели серијалот во четири епизоди во кои е прикажана богатата кариера на Роби Вилијамс, но и сето она што дошло како резултат на славата и светот за кој тој не бил подготвен.
Сепак, ова не е типичен документарец, кој прикажува човек како зборува за својот живот во удобна фотелја, ниту пак има соговорници што зборуваат за него од своја гледна точка. Ова е документарец што го прикажува успешниот и арогантен Британец во неговата наједноставна верзија, додека во гаќи и поткошула на креветот во спалната соба тој повторно го гледа своето не толку пријатно минато преку снимки направени во последните 30 години.

Неговата ќерка дури неколкупати влегува во спалната соба, сакајќи да биде со него, но тој секојпат ја испраќа бидејќи смета дека содржината што ја гледаат не е соодветна за нејзината возраст. Овие моменти прават суптилен прекин помеѓу снимките и коментарите на Роби, но ја покажуваат и неговата татковска страна и како тој е обичен човек што сака да живее семеен живот.
„Страв, срам, болка, целиот спектар на човечки емоции, имам речиси 50 години. Татко, четири деца, убава сопруга“, беа некои од првите зборови што Роби ги употреби за да се претстави на почетокот на серијата.
Првата песна што нè воведува во приказната е „Let me entertain you“, што некако би можело да се претпостави, меѓутоа не можеме да кажеме дека е навистина забавно да се гледа човек кому му била дијагностицирана депресија во раните дваесетти години и неколкупати бил на одвикнување од кокаин, алкохол и многу лекови на рецепт. Сепак, ова е дефинитивно документарец што ќе го задржи вашето внимание до самиот крај.

Откако ќе го погледнете овој документарец, сигурно со други очи ќе го гледате дрскиот и харизматичен Роби Вилијамс, но не само него туку и другите пропаднати поп-ѕвезди на кои медиумите им ги одзедоа приватноста и славата во најдобрите години од нивниот живот.