Фото: ЕПА

Шинед О’Конор, ирската кантавторка на хитот „Ништо не се споредува со тебе“ (Nothing Compares 2 U) почина на 56 години, потврди нејзиното семејство.

Почит кон пејачката оддаде ирскиот премиер Лео Варадкар, посочувајќи дека нејзината музика „беше сакана низ целиот свет, а нејзиниот талент беше надвор од секаква споредба“, пренесува Би-би-си.

Пејачката, која беше отворена во нејзините општествени и политички ставови, издаде вкупно 10 студиски албуми.

О’Конор, родена во Даблин на 8 декември 1966 година, беше трето од петте деца во семејството.

Иако продолжи да настапува под името Шинед О’Конор, пејачката го прифати исламот во 2018 година и го промени своето име во Шухада Садакат. Во 2021 година ги објави своите мемоари, додека минатата година беше издаден филм за нејзиниот живот, режиран од Кетрин Фергусон.

Пред петнаесет години и беше дијагностицирано биполарно растројство, а во интервјуата зборуваше за други психички проблеми, особено за анксиозност и самоубиствени мисли. Во 2012 година таа ја откажа својата турнеја поради нервен слом.

Пејачката се мажеше четири пати и имаше четири деца. Нејзиниот син Шејн ненадејно почина минатата година на 18-годишна возраст.

Пишувајќи на социјалните мрежи по неговата смрт, таа рече дека тој „одлучил да ја прекине својата земна борба“ и побара „никој да не го следи неговиот пример“.

Покрај со своите музички хитови, таа ќе остане запаметена и по еден контроверзен настан во нејзината кариера што се случи во 1992 година кога искина фотографија со ликот на тогашниот папа Јован Павле Втори во американското телевизиско шоу Сатрдеј најт лајв, каде што таа беше поканета како изведувач, потсетува Би-би-си.

По акапела изведбата на нумерата War (Војна) на легендарниот Боб Марли, таа погледна во камерата и рече „бори се со вистинскиот непријател“, во знак на протест против Католичката црква.

Инцидентот резултираше со доживотна забрана за настап на радиодифузерот Ен-би-си и предизвика протести против неа во Соединетите Американски Држави.