ФОТО: Прес служба Кабинет на претседател

Претседателот Стево Пендаровски, вечерва на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Орден за заслуги за Република Македонија“ ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан за извонредното, автохтоно и уникатно музичко творештво во рамките на џез-рок групата „Леб и сол“, како нејзини предводници, со којашто оставија трајни вредности во современата македонска музика и придонесоа за афирмација на македонската музичка уметност и на македонската култура во светот, како и за нивните значајни солистички постигнувања.

На церемонијата на доделување на медалите, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан се национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

– Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци. Вечерва ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи – нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците. И секаде каде што постои, таа традиција означува една иста работа, а таа е дека гостите се добредојдени. Само кај нас, во македонскиот јазик, тој израз има и друго, посебно, дополнително значење. Имено, кај нас, „Леб и сол“ oзначува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер – рече Пендаровски.

Пендаровски рече дека „зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан. Зборуваме за национално наследство кое е одамна впишано во културната и социјалната ДНК на нашата држава, на македонскиот народ и на сите наши граѓани.

– Вечерва, сите ние присутни овде, како и оние што го следат преносот во живо сме дојдени да искажеме почит и да се заблагодариме на нашата скопска четворка за тоа што ја поставија државата високо на глобалната карта на уметнички достигнувања. Вашата музика, драги лауреати, во дамарите на македонската душа има митски димензии, затоа што претставува културно наследство со кое се идентификуваа и растеа и сѐ уште растат и живеат генерации Македонци – рече тој.

Уште од нивниот прв албум објавен во далечната 1978-та, рече Пендаровски, „Леб и сол“ беа дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion„ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.

Како што нагласи, пред речиси половина век, „Леб и сол“ се етаблираа во национална гордост и категорија, статус кој без напор го одржуваат низ годините, сѐ до ден-денешен.

– Последниве години, испровоцирани од оние кои не се сигурни за сопствениот идентитет, многу време залудно трошиме во дебати за националниот идентитет на нас, Македонците, иако тој е заокружен од дамнешни времиња. Во таа смисла, меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои сме ние Македонците, доволно е да го цитираме музичкото творештво и наследство на „Леб и сол“ кои и во 21-от век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели додека ги почитуваат сопствените корени. Прашајте кој било млад човек кога за прв пат навлегува во светот на музиката, дали знае за гитарското интро на Влатко во „Бистра вода“, фретлес бас-линиите на Бодан во истата нумера, аранжманите на Кокан во „Учи ме мајко, карај ме“ или седумосминските ритми на Гаро кога тапанот ќе грмне со подземен екот – рече тој.

На крајот, рече Претседателот, дозволете ми да ја искористам оваа прилика и јавно да се обратам до четирите легенди кои се вечерва со нас.

– Вашиот професионален опус е доволен за барем уште десет вакви одликувања, но, на сите нас, а посебно на младите генерации во овие сложени и грди времиња, потребен ни е нов албум од вас, во овој формат.  Размислете! – заврши тој.