Од мистериозни летачки чинии над планината Слемиш во областа Антрим, па сѐ до чудни слики забележани на ТВ, бројот на пријавени НЛО-а и паранормални активности повторно бележи раст во Северна Ирска, пренесува „Гардијан“.

Годинава во полиција биле пријавени осум случаи за забележување на вонземјани во Северна Ирска, за разлика од пријавените шест случаи во 2020 година, односно четири во 2019 година.

Ник Поуп кој порано ги истражувал извештаите за НЛО за Министерството за одбрана на Обединетото кралство, смета дека пријавите се резултат на зголеменото време кое луѓето го поминуваат дома за време на пандемијата, што предизвикало пораст на пријавени забележани случаи со НЛО-а.

– Пандемијата и карантините можеби играат улога во бројот на забележани случаи на НЛО-а. Луѓето имаат повеќе време и можеби ги забележуваат работите што претходно биле незабележливи – вели Поуп.

Во јануари бил пријавен летачки објект во близина на областа Даунпатрик. Во мај, полицијата добила две пријави за забележани летачки објекти, еден за бели светла кои се движеле по хеликоптер во областа Магабери, и чуден диск забележан на небото во областа Слемиш кон крајот на месецот.

Во јули биле пријавени чудни слики кои се појавиле на ТВ, додека на небото во областа Сенфилд бил пријавен неидентификуван летачки објект со осум светла. Нешто подоцна, во септември било пријавено дека во областа Лисбурн, наводно се забележани вонземјани во спалната соба на едно лице, додека во октомври, притворен пациент тврдел дека бил киднапиран од вонземјани.

Но, Поуп верува дека точниот број на забележани НЛО-а, всушност, е многу поголем од пријавениот.

– За жал, бројот на пријавени НЛО-а сè уште е прилично низок, можеби поради воочената стигма со која луѓето се соочуваат кога станува збор за вакви работи. Друга причина исто така се должи на одлуката што Министерството за одбрана ја донесе во 2009 година, да не се истражуваат ваквите пријави. Доколку министерството побара од јавноста да ги пријавува невообичаените и паранормални активности, сигурен сум дека тие веднаш ќе добијат многу голем број повици – рече тој.