Секоја од овие седум градби со футуристички изглед може да се окарактеризира како архитектонско ремек-дело

Завршувањето на повеќето од наведените згради од нашата листа на најубаво дизајнирани згради во 2021 година беше планирано за минатата година, но пандемијата на коронавирусот забави сè, вклучувајќи ја и нивната изградба, пишува „Мај модерн мет“.
Секоја од овие седум градби со футуристички изглед може да се окарактеризира како архитектонско ремек-дело, а доколку ве интересира како изгледаат и кој стои зад нивниот дизајн, ви предлагаме да продолжите да читате…

Депото „Бојманс ван Бунинген“

Депото „Бојманс ван Бунинген“ е првиот јавен уметнички склад со дури 151.000 предмети од музејот „Бојманс ван Бунинген“ во негова сопственост. Оваа зграда во форма на голема сребрена чинија се наоѓа во Ротердам, а за нејзиниот дизајн е одговорно архитектонското студио МВРДВ.

„Инфинитус Плаза“

Инспирирано од симболот на бесконечноста, архитектонското студио „Заха Хадид аркитектс“ го дизајнира овој футуристички градежен комплекс за компанијата „Инфинитус“ во Гуангжу, Кина. Двете згради се обработени со перфорирани алуминиумски панели, кои ротираат за да се овозможи влез на светлина.

„Мал остров“

„Малиот остров“ е воден парк во Њујорк. Дизајниран од архитекти од студиото „Хедервик“, тој е вистинска мала оаза за одмор од метежот во блискиот Менхетн.
Домот на унгарската музика
Во Градскиот парк во Будимпешта се наоѓа модерен и екстравагантен простор за музика, дизајниран од „Су Фуџимото“. Оваа зграда го слави придонесот на унгарските уметници во музиката и се планира да биде едно од најпопуларните места за концерти во градот.

Кулата „Марск“

Кулата „Марск“ е дизајнирана во форма на двојна спирала од молекули на ДНК. Идејата за оваа зграда е на архитекти од студиото „Бјарк Инглс груп“. Кулата се наоѓа во Данска и нуди совршен поглед на околниот национален парк во близината на Ваденско Море.

Библиотеката „Вормхол“ во Хајкоу

Оваа библиотека со необичен изглед неодамна го разубави заливот Хајкоу во Кина. Зад неговиот дизајн стојат луѓе од студиото „МАД архитектс“. Дефинирана со шилеста фасада со големи драматични отвори, библиотеката беше дизајнирана да изгледа како „црвја дупка што ги надминува времето и просторот“.

Големиот театар „Санак“

Уште една зграда во кинескиот град Гуангжу го најде своето место на листата на најубаво дизајнирани згради во 2021 година. Станува збор за големиот театар „Санак“, дизајниран од архитекти од студиото „Стивен Чилтон аркитектс“. Кога го осмислувале неговиот дизајн, архитектите биле инспирирани од историјата на Патот на свилата и современата култура на тетовирање во овој дел на Кина. Театарот е обвиткан во светлоцрвени панели, покриени со илустрации засновани на уметноста на Џанг Хонгфеи.