Фото: Македонска телевизија

Само уште два дена нѐ делат од финалето на „Јуниорскиот евросонг“, што ќе се одржи в недела, во Ница, Франција. Фестивалот почнува во 16 часот, а Македонската телевизија директно ќе го пренесува на Првата програма.

Но, поддршката за Тамара Грујеска, македонската годинашна претставничка на овој престижен музички натпревар за деца и тинејџери може од денеска да ја дадеме гласајќи за неа. Без разлика каде и да сте во светот, може да гласате на официјалната страница на Јуниорскиот Евросонг „jesc.tv“. Тука можете да ги погледнете кратките прегледи од земјите учеснички, а имате право да гласате за тројца ваши фаворити вклучувајќи ја и својата земја.

Инаку, дванаесетгодишната Тамара уште пред неколку години посака да ја претставува Македонија на овој избор и ете, желбата ѝ се оствари. Таа и целиот тим што е со неа во Ница, се задоволни од двете генерални проби.

Тамара Грујеска ќе настапи со песната „Кажи ми, кажи ми кој“ чиј автор е Роберт Билбилов, микс и мастеринг Дарко Димитров и Роберт Билбилов, а текстот на Роберт Билбилов и Коста Петров.

– Двете проби минаа одлично. Презадоволни сме од изведбата на Тамара, прекрасно и моќно звучи и одлично изгледа на сцената. Позитивните коментари што секојдневно ги добиваме на социјалните мрежи и воопшто тука, ни се доказ дека МРТ годинава направи одличен избор за „Јуниорскиот евросонг“. Со нетрпение го очекуваме настапот во недела – изјави шефот на делегацијата, Дијана Гогова Атанасова. М.Т.