Фото: Принтскрин/Јутуб

Стапи на сила четиридневното примирје

Утрово во 7 часот по локално време стапи на сила четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар. Во часовите пред привремениот прекин на огнот, ракетните сирени се вклучија во израелските градови кои се граничат со Газа, а израелската војска извести за интензивни операции во палестинската енклава, во обид да ја унапреди својата операција против Хамас што е можно повеќе во последните часови пред паузата.

Палестинската милитантна група Хамас денеска му ја предаде на Црвениот крст првата група израелски заложници. Меѓу ослободените има и 13 лица, кои преку преминот Рафа, се предадени на египетските власти. Претходно Хамас ослободи и 12 тајландски заробеници.

Тајландскиот премиер Срета Тависин денеска соопшти дека од Појасот Газа се ослободени 12 заложници, тајландски државјани, додека се очекува ослободување и на израелските заложници.

– Од Министерството за безбедност и МНР е потврдено дека 12 тајландски заложници се веќе ослободени. Официјални лица од амбасадата се на пат да ги примат – напиша Тависин на социјалната мрежа „Екс“. Тој го објави ова откако египетските власти објавија дека интензивните дипломатски напори на Египет резултирале со ослободување на Тајланѓаните.

Шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије денеска изјави дека палестинската милитантна група ќе го почитува постигнатиот договор за прекин на огнот се додека Израел го прави истото.

– Ја потврдуваме нашата посветеност за спроведување на договорот и обезбедување на неговиот успех се додека непријателот се придржува до него – рече Ханије во видеопораката на Телеграм.

Израелските сили денеска се повлекоа од најголемата болница во Газа, „Ал-Шифа“, соопшти Министерството за здравство управувано од Хамас, на првиот ден од привременото примирје помеѓу Израел и палестинските милитанти.

Израелската војска минатата недела изврши рација на „Ал-Шифа“. Болницата беше главен фокус на израелската копнена офанзива во Појасот Газа по нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври. Израелските власти тврдат дека во нападот на Хамас загинале околу 1.200 луѓе.