Неколку нови европски и американски ракети ќе ги направат своите први летови во 2024 година, додека воздушната индустрија се соочува со недостиг од летала за лансирање.
Ракетата „Аријан 6“ на Европската вселенска агенција, која ги носи надежите на Европа за вселенска автономија од САД и Русија, треба да го направи своето инаугуративно патување помеѓу 15 јуни и 31 јули по четири години одложувања. Со планирани 28 лансирања уште пред нејзиниот прв лет, ракетата, достапна во две верзии, „Аријан 62“ и „Аријан 64“, ќе носи товар и до геостационарната орбита и до ниската Земјина орбита.
– Вистински индустриски предизвик е да се премине од изградба на два до девет лансери годишно – рече извршниот претседател на „Аријан груп“, Мартин Сион.
Компанијата „Јунајтед лонч алајенс“ (УЛА) ја разви ракетата „Вулкан Кентаур“ за да ги замени нејзините ракети за лансирање „Атлас 5“ и „Делта 4“.
Околу 90 отсто од главните компоненти и системи го црпат своето дизајнерско наследство од „Атлас“ и од „Делта“.
– Оваа нова ракета ни овозможува да го лансираме целиот пазарен сегмент за сите големини на сателити, од големи владини и комерцијални сателити до мали сателити – рече Тори Бруно, претседател и извршен директор на УЛА.
„Спејс екс“ ќе продолжи да ја тестира својата мегаракета „Старшип“ во 2024 година, додека „Блу Ориџин“ ќе дебитира со својот лансер „Њу Глен“.
„Њу Глен“ е исто така суштински елемент на системот за слетување на Месечината нарачан од НАСА за лунарната мисија „Артемида 5“.