Драги луѓе ви благодарам за се, не сакам да звучам патетично, но со вас сум веќе 23 години. И како и тогаш, така и сега почувствував огромна љубов. Како можам да ги заборавам моите три солистички концерти едно по друго во Универзална таа 2001 година, па трите на кои бев гостин на Оливер Драгоевиќ и уште многу средби со македонската публика. Тука, во оваа сала првпат одржав концерт пред неколку години, а сега три по ред. И како и секогаш, пеевте, ракоплескавте, танцувавте, направивте ѕвезвдено небо, ми дадовте енергија каква што само може да се посака. Драго ми е што празниците што претстојат почнаа со моите концерти. Држи се Македонија, држи се Скопје!. Со овие зборови балканската ѕвезда Петар Грашо топло ѝ се заблагодари на скопската публика синоќа на крајот на неговата трета средба со скопјани во салата на Македонска филхармонија. Првиот концерт беше в петок, а вториот во саботата.
Овојпат во Скопје распеаниот сплиќанец дојде со целото свое семејство: сопругата Хана, ќеркичката Алба, која наскоро ќе наполни две години, со своите родители Снежана и Зоран, кои како што откри, биле во Скопје и пред 23 години кога настапувал во нашиот град.
Секако на сцената го придружуваше неговиот бенд, а тој си поигруваше со типките на клавирот, а тука беше и камерниот гудачки оркестарот. Со нивното свирење песните добија нови акустични аранжмани, со кои прозвучеа уште поубаво и подлабоко.
Овие настапи всушност беа неговата музичка приказна, која почнува кога тој имал само 4 години и почнувал да го открива светот на музиката.
Меѓу секоја песна Грашо раскажуваше, најпрво како седел во скутот на Оливер Драгоевиќ, семеен пријател, кој бил чест гостин во нивната куќа во Сплит, а се знае каде е Оливер, таму биле песните и виното. И токму тој, уште на 16 години го открил неговиот голем талент и испеал една негова песна. Му рекол: „Не бегај од музиката, следи ја, таа е твојата судбина“. Слушнавме и за соработките со Арсен Дедиќ, Ѓорѓе Новковиќ, за тоа дека членувал во групата магазин на Тончи Хулиќ, кој сега е негов тест.
Грашо се сети и на мигот кога по еден скопски настап му пришло едно младо, убаво момче кое му рекло дека ги сака неговите песни, но оти и самиот пее. Тоа бил Тоше Проески.
А скопјани, поточно многу повеќе скопјанки бидејќи во публиката имаше многу повеќе негови обожавателки од сите генерации, од збор до збор ги знаеја песните на Грашо. На баладите пееја со него, а на побрзите мелодии танцува и уживаа.
– Ми рекоа организаторите дека можеби вечерва, бидејќи е понедленик, нема да има многу танцување, ама не беа во право. И затоа јас надвор од програмата, сега за сите вас ќе ја испеам песната „Ми плешемо“ на „Прљаво казалиште“. И разбирливо за миг сите беа на нозе.
Со третиот синоќешен концерт сплисткиот кантавтор и една од најголемите ѕвезди на просторите на некогашна Југославија на најубав начин ја зоакружи последната дружба со скопската публика, продолжувајќи ја низата од незаборавни скопски концерти, што ги организираше продукцијата „Прагма“.
А ако се прашувате која е тајната, зошто неговата ѕвезда свети без прекин и сѐ посилно во регионот, тоа покрај талентот и специфичниот глас, со голем дијапазон, кој достигнува до големи висини, е и тоа што Петар Грашо е воедно инструменталист, поточно одличен пијанист, пејач, автор, текстописец, и секако многу е харизматичен, отворен и срдечен.
Неговата врвна професионалност, која не дозволува ништо да недостасува на настапите и вчеравечер се покажа на дело. Грашо имаше се под контрола, и внимаваше на секоја ситница. Постојано комуницираше со музичарите, но и со публиката.
Како и секогаш звучеше светски сѐ што отпеја, почнувајќи од актуелната балада „Ако те питају“, „Два пут сан умра“, „Цесарица“ и уште неколку безвременски мелодии од репертоарот на Оливер Драгоевиќ, „Срце за водича“, „Волим и постојим“, неодминлиувата „Уторак“, „Ко нам брани“, дуетот со Дорис, каде од публиката побара помош, „Љубав једне жене“, „92“, „Никога нисам волио тако“ од репертоарот на Мишо Ковач, „Што је од мене остало“…
По два часа музицирање и два биса, се раздели од публиката со баладата на Оливер Драгоевиќ, „Веруј у љубав“, која се разбира сите ја пееја заедно со него.
Вечерва Петар Грашо ќе одржи концерт во Домот на култура во Струмица. М.Т.