Повеќе од 50 брода и 20 авиони исчезнаа во Бермудскиот триаголник во минатиот век. Секој од нив има различна приказна, а сето тоа резултираше со низа теории за исчезнувањата во појасот помеѓу Флорида, Бермудските Острови и групата острови на Големите Антили.
Сега, австралискиот научник Карл Крушелнички, заедно со Националната океанска и атмосферска асоцијација на САД, вели дека не постои натприродно потекло на Бермудскиот триаголник, дека нема мистерија, а загубата и исчезнувањето на бродови и авиони се обичен факт дека случајно дошло до несреќа, пренесува „Популар меканикс“.
– Нема докази дека мистериозните исчезнувања се случуваат со поголема фреквенција во Бермудскиот триаголник отколку во која било друга голема област на океанот – вели научникот, кој има свое видување од 2017 година.
Тој за „Индепендент“ изјави дека обемот на сообраќајот, во тешко подрачје за навигација, ни повеќе ни помалку – покажува ист број на бродови и авиони што исчезнуваат во Бермудскиот триаголник како и на кое било друго место во светот на процентуална основа.
Според него, постојат фактори што можат да ги објаснат повеќето исчезнувања на Бермудскиот триаголник, како што е голфската струја, која влијае на временските промени и бројот на острови во Карипско Море, што ја отежнува пловидбата.
-Американската морнарица и крајбрежната стража на САД тврдат дека нема натприродни објаснувања за катастрофи на море – вели Крушелнички, објаснувајќи дека несреќите се предизвикани од комбинација на природни и човечки фактори.