Фото: Пиксабеј

Иако некои трендови сѐ уште не се видливи, законите на термодинамиката јасно покажуваат што ја чека нашата планета

Недостигот од снег може да го зголеми
глобалното затоплување

Количествата снежни врнежи се намалуваат низ светот поради глобалното затоплување предизвикано од човекот, покажува новата анализа на научниците од американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА), пишува „Си-ен-ен“.
Но немањето снег не е толку безопасно и не значи само дека ќе имаме помалку работа со чистење во текот на зимата. Недостигот од снег може да го зголеми затоплувањето и да ја наруши достапноста на храна и вода за пиење за милијарди луѓе.
Климатолозите велат дека иднината на снегот е многу јасна: светот што станува сѐ потопол поради човечкото загадување значи дека акумулираната вода во атмосферата ќе падне на Земјата како дожд наместо снег. Можно е краткорочно климатските промени да предизвикаат поекстремни зимски бури со понекогаш повеќе снег, како што покажуваат податоците за североисточниот дел на САД, но како што се зголемуваат глобалните температури, такви снежни години ќе ги има сѐ помалку, а снегот ќе стане многу редок.
– Законите на термодинамиката велат дека поради затоплувањето, сè повеќе снег ќе се претвора во дожд. Можеме да се извлечеме со такви работи некое време и некои трендови може да се скријат, но на крајот термодинамиката ќе победи – вели Брајан Бретшнајдер, климатски научник во Националната метеоролошка служба на Алјаска и главен аналитичар на податоци.
Според Џастин Менкин, климатски научник и професор по географија на колеџот „Дартмут“, снегот исто така нема да се повлече на линеарен начин. Наместо тоа, постои одредена пресвртна точка што може да значи дека штом ќе се надмине одреден температурен праг, може да очекуваме губењето на снегот да се забрза.
– Тоа значи дека на многу места каде што немаше значително намалување на снегот, може да почнете да забележувате дека има помалку снег штом температурите малку повеќе се зголемат – вели Манкин.

Веќе има 2,7 отсто помалку годишни врнежи од снег на глобално ниво отколку во 1973 година, според анализата на Бретшнајдер на податоците од службата на ЕУ за климатски промени „Коперник“. Трендот на намалување е особено забележлив на средните географски широчини на северната хемисфера, областа северно од тропските предели и јужно од Арктикот, каде што живее голем дел од светската популација.
Сонцето таму е подиректно отколку на поголеми географски широчини, особено напролет и наесен, кога сè уште има снег. Белината на снегот дејствува како штит, рефлектирајќи ги сончевата светлина и топлина назад во вселената. Ако не е таму, почвата ќе апсорбира повеќе сончева светлина и дополнително ќе ја загрее атмосферата.
– Помалку врнежи од снег значи и помала акумулација на снег во текот на зимските месеци, што е од клучно значење за снабдувањето со вода, бидејќи снег дејствува како природен резервоар, кој ја складира водата во повлажните делови од годината, а потоа, како што снегот се топи во пролетта, ја ослободува и стигнува до посуви места – рече Џесика Лундквист, професорка по инженерство за животна средина на Универзитетот во Вашингтон.
Заканата за снабдувањето со вода од сè помало количество снег е најизразена во климите што се предмет на поекстремни циклуси на подеми и падови на врнежите, како што се медитеранската клима во Калифорнија и другите делови на американскиот запад.
– Калифорнија е вистински пример, не врне многу дожд во лето, така што водата што се создава со топење на снегот е апсолутно неопходна за сите екосистеми, земјоделството, за градовите и всушност за сите на кои им е потребна вода за време на сушната сезона – рече Лундквист.
Сувиот запад на САД добива повеќе од 50 отсто од водата од снежните наноси, покажа студија од 2017 година. Истата студија предвидува дека нивото на снежните наноси на западот на САД ќе продолжи да се намалува и ќе биде една третина помалку до 2100 година, што дополнително ќе го влоши глобалното затоплување.
Намалувањето на снежните врнежи во изминатите 50 години е особено изразено во делови од западниот дел на САД. Овој тренд е во согласност со другите истражувања што покажаа намалување на снежната покривка до 90 проценти во некои области. Но, според научниците, зголемувањето на снежните врнежи на североисток ја илустрира комплицираната природа на менувањето на обрасците на врнежите поради климатските промени.

– Иако целокупниот тренд на количеството на снежни врнежи беше позитивен, трендот на бројот на снежните денови е негативен. Тоа значи дека ќе паѓа повеќе снег за помалку денови, што може да биде знак дека следуваат поекстремни снежни врнежи, како што покажуваат климатските прогнози – рече Бретшнајдер.
Според Манкин, веројатноста за снежни екстреми се зголемува со глобалното затоплување, бидејќи способноста на атмосферата да складира повеќе влага се зголемува со затоплувањето на атмосферата. Тоа е причината зошто екстремните количества на снежни врнежи всушност може да се зголемат со глобалното затоплување.
– Зголемувањето на количеството на снег во северозападниот дел на САД е забележливо и поради временскиот период што го покажуваат мапите. Податоците за снежните врнежи беа многу помалку веродостојни пред 1970-тите, но бидејќи вистинското мерење започна дури по 1970-тите, неколку многу снежни години беа вклучени во анализата. Да се почнеше порано со вистинската анализа, ќе беше евидентно и намалувањето на снежните врнежи – истакнува Бретшнајдер.