„Холивуд репортер“ за новиот документарец на Тамара Котевска

Филмската критичарка на „Холивуд репортер“, Шери Линден, во својата нова рецензија кон филмот „Патување пеш“ на македонската режисерка Тамара Котевска пишува дека нејзиниот втор долгометражен документарен филм ги преплетува приказните на децата бегалци со слики од проект што ја користи уметноста на кукларството за да ја подигне свеста за младите животи нарушени од војна и од прогон.
– Со нејзиниот прв долгометражен документарен филм номиниран за „оскар“, чудото „Медена земја“, Тамара Котевска ja делеше режијата заедно со Љубомир Стефанов за да осветлат еден далечен дел од светот. Со вториот филм, таа го врти вниманието кон приказна од насловните страници што се одвива пред нашите очи, глобалната бегалска криза. Иако овој пат темата е малку подиректно политичка, режисерката ја филтрирала низ креативни леќи, прикажувајќи една поинаква бајка. Како и сите добри бајки, и оваа нуди повисока верзија на реалноста, спојувајќи го фантастичното со секојдневието. Во центарот на приказната е малата Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, сопственост на десетгодишно девојче-бегалец од Сирија – пишува престижниот магазин.
„Патување пеш“ го добил своето име од меѓународен проект креиран да ја крене свеста и да собере средства за помош на раселените деца. Амал и нејзините куклари, предводени од уметничкиот директор, Амир Низар Зуаби, пропатувале илјадници километри во повеќе од десетина земји од јули 2021 година и сега се во Мексико, по нивното пропатување пеш низ САД. Но документарецот на Котевска не е толку многу за тој проект, колку што е негова дестилација, затоа што го испреплетува патувањето на Амал низ Европа со една симболична приказна за реално девојче што останало сираче во војната.
– Движејќи се низ градските улици и селските плоштади и низ ненаселени пејзажи, малата Амал е механички и уметнички подвиг што не може да се игнорира. Котевска и монтажерот Мартин Иванов умешно ја склопуваат сцената на градењето на куклата Амал во три минути. Сцените на дизајнирање, сликање, работата со алатки и тестовите на кукларите во компанијата „Хендспринг папет“, јужноафриканска компанија што е одговорна за изработката на Амал, се испресечени со погледите на младата девојка што ја црта малата Амал, како некој вид автопортрет… Самата Амал има контакт со природата, како и со луѓето. Камерата предводена од Жан Дакар и Самир Љума ни ја презентира убавината на сѐ околу нас, од трепетот на гулабите на минарињата до струењето на ветерот по пустинските дини, но и шаторите со раселени луѓе по градските улици, болната надеж во погледот на Амал и психичките рани што ги носат сите бегалци што ги среќава патем. Огромното девојче, толку очигледно нечовечко, а сепак толку симпатично, е многу постаро од она што навистина е, таа е олицетворение на сочувство, исповедник на децата и возрасните во бегалскиот камп, а една од најмачните исповеди е на бегалецот од Гамбија што го опишува своето речиси смртоносно патување до европскиот континент – пишува критичарката.
Според неа, „Патување пеш“ е приказна раскажана преку силата на светските симболи за моќ, но директно укажува на нивните ограничувања.
– Посетата на Амал на папата во Ватикан во текот на церемонијата со која се слават децата ги зафаќа двата краја на тој спектар, а пак посетата на организацијата за човекови права на Советот на Европа во Стразбур болно ги покажува ограничувањата на Европа: сѐ што можат претставниците на групата да ѝ дадат на Амал се знамето на Европа и лажен пасош, поттикнувајќи ја да го сподели со другите деца што ги среќава патем. Настрана од ваквите празни гестови, децата со кои се сретнува Амал обично ја пречекуваат со чудење и одушевување. Некои возрасни ја гледаат како Тројански коњ, некои искажуваат лутина, а други копнежливо се придружуваат на нејзината цел да ја прошират веста. Осветлувајќи ја приказната што го добива вниманието на медиумите, „Патување пеш“ не се одлучува за заземање политичка страна или предизвикување конфликт. Овој филм ја содржи срцевината на животот отелотворен во дрвена кукла бегалец и е приказна излезена директно од срцето – завршува Шери Линден. В.Д.