Фото: Пиксабеј

Британската национална здравствена служба истакнува дека треба да вклучиме широк спектар на намирници за да обезбедиме урамнотежена исхрана и телото да ги добие сите хранливи материи што му се потребни. Повеќето од луѓето внесуваат повеќе калории, шеќер и сол отколку што треба. На пример, дневното количество на внесена сол, според препораките на Светската здравствена организација, е пет грама. За шеќер се препорачува дневно количество од 25 до 50 грама.
Покрај намалувањето на внесувањето шеќер и сол, се препорачува да се избегнува внесување транс масни киселини, кои го зголемуваат нивото на лошиот ЛДЛ-холестерол, а најчесто ги има во пржената и брзата храна. За да се избегнат „скриената“ сол, шеќер и заситени масти, потрошувачите при купувањето треба да ги читаат декларациите на производите.

Прекумерното внесување е голем здравствен проблем

Со стратегијата за исхрана до 2027 година, дефинирано е дека во 75 отсто од новите и иновативни производи ќе биде намалено просечното учество на сол и шеќер за 20 отсто. Дополнително, целта е на потрошувачите да им се понудат производи во согласност со нивните потреби, кои ќе им помогнат да ја подобрат исхраната, а во наредниот период посебен акцент ќе биде ставен на производите што поттикнуваат одржлива исхрана.
Прекумерното консумирање сол и шеќер е голем здравствен проблем. Потрошувачи од сите возрасти сè повеќе се свесни дека долгорочното прекумерно консумирање сол и шеќер не е добро за нивното здравје и сѐ повеќе се обидуваат да го контролираат нивното количество. Тоа значително зависи и од нивната возраст, па постарите потрошувачи посветуваат повеќе внимание на тоа.
Покрај производите со помала содржина на сол и додадени шеќери, експертите препорачуваат внесување храна богата со растителни влакна, протеини, витамини и минерали, како и производи базирани на овошје, зеленчук, мешунки, цели зрна, растителни извори на протеини итн. Протеините се извор на енергија, исклучително важни хранливи материи за раст и градење на мускулите, гориво за метаболизмот и помагаат во согорувањето на мастите, обновувањето на оштетеното ткиво и спречувањето инфекции и болести. За возрасни, препорачаното дневно количество протеини е 0,8 грама на килограм телесна тежина.

Kои производи да ги консумираме повеќе?

Иако најлесно се внесуваат протеини во организмот преку храната од животинско потекло, која содржи т.н. комплетни протеини, што значи дека ги содржат сите есенцијални аминокиселини што му се потребни на организмот, експертите посочуваат дека треба да се размисли за внесување протеини преку храната од растително потекло. Така, покрај месото, одличен извор на протеини се и рибата, млечните производи и јајцата, јаткастите плодови, сојата, гравот, грашокот и леќата.
Помали количества се наоѓаат во житата. Бидејќи повеќето намирници од растително потекло не содржат целосни протеини, важно е да знаете како правилно да ги комбинирате за да го обезбедите телото со сите есенцијални аминокиселини. За да се обезбеди внесување на сите есенцијални аминокиселини се препорачуваат следните комбинации на храна: мешунки и житни растенија, житни растенија и производи од соја, хелда и семки. Во исто време, речиси сите семиња содржат целосни протеини и не треба да се комбинираат со друга храна, но совршено ја дополнуваат храната на која ѝ недостигаат одредени аминокиселини.
За разлика од протеините, мастите и јаглехидратите, витамините и минералите се микронутриенти, што значи дека на организмот му се потребни во мали количества, но се важни за здравјето бидејќи учествуваат во биохемиските процеси важни за нормално функционирање на организмот. Поради прекумерната потрошувачка на црвено месо, шеќер, сол и генерално прекумерното внесување енергија, современите обрасци на исхрана се неодржливи на долг рок во смисла на зачувување на здравјето и животната средина.