Писателот Владимир Јанковски гостин на „Врисок“ во Риека

Писателот Владимир Јанковски од 11 до 14 септември е гостин на „Врисок“, саемот на книгата и фестивалот на автори, кој од 10 до 17 септември се одржува во Риека. Ова е 16-то издание на фестивалот. Фестивалот оваа години донесува повеќе од 50 настани (промоции на книги, претставувања, разговори и трибини, заедно со придружна ликовна, музичка и филмска програма) во кои ќе учествуваат стотина уметници.
Повод за гостувањето на Јанковски е хрватскиот превод на неговиот роман „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата ја преведе Ивица Баковиќ, а издавач е издавачката куќа ВБЗ. Владимир Јанковски настапи заедно со писателката Весна Мариќ. Модератори на вечерта беа хрватските писатели Иван Сршен и Марко Погачар.
„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Во него преку комбинацијата од педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказните за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањето за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, колку конструкцијата на тоа што сме или што можеме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори за Влада Урошевиќ“ (2003). За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со книжевен превод.
Ивица Баковиќ (Чаковец, 1982) дипломирал кроатистика и славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Во 2013 година докторирал на компаратистичка тема од областа на македонската и хрватската книжевност. Работи како доцент на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб. Бил соработник на проектот „Книжевните, јазичните и културолошките аспекти на хрватско-македонските односи“ и соработник на лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“. Член е на Друштвото на хрватските книжевни преведувачи.