Новоформираната национална установа Оркестар за џез-музика доби од Владата трајна адреса во Националната опера и балет, а добива и финансиски средства преку програмата ТАВ, со кои доделениот објект ќе биде соодветно реновиран. Проценетата проектантска вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра, соопшти министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа информира дека Министерството за култура обезбеди изработка на основен проект за реновирање и уредување на просторот и за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на националната установа Национална опера и балет.
– Просторот е со површина од 475 квадратни метри и со проектот се предвидува уредување простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации – рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека како Министерство за култура и лично таа како министерка е особено задоволнa од ова урбано решение за еден оркестар каков што е Оркестарот за џез-музика.
− Со работата на Здружението на џез-музичари во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко“ − истакна министерката за култура.
Таа нагласи дека со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува ова музичко и уметничко опкружување, а со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, како што рече, убедена е дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје.