Весна Мојсова-Чепишевска на 10. Његошеви денови во Будва

Универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска учествуваше на јубилејните 10-ти Његошеви денови, кои во организација на Филолошкиот факултет во Никшиќ при Универзитетот на Црна Гора се одржаа во Будва. На сесијата за наука за книжевност и култура на меѓународниот научен собир, која годинава беше посветена и на култот на водачот во словенските книжевности, по повод 120 години од загинувањето на великанот, таа го презентираше своето истражување за историскиот наспроти книжевниот Гоце Делчев, со повторно осврнување кон романите од поновата македонска продукција, „Куклите на Росица“ од Оливера Николова и „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски.
– Потребата од едно вакво книжевнонаучно осврнување се должи на тоа што Делчев, изникнат од историските факти и обвиткан во естетски креации, е битен за нас Македонците. Но и заради сознанието дека книжевниот Делчев е и сето она што не можел да каже историскиот Гоце Делчев – нагласува професорката во својот реферат.
Според Мојсова-Чепишевска, романот на Николова објавен пред 20 години кога се одбележуваа 100 години од загинувањето на Делчев и романот на Миневски, објавен годинава кога се навршуваат 120 години, придонесуваат во реализирањето нови теми, па дури и стари теми, преку чинот на ослободување од локалното и регионалното. Преку нив, и Делчев како книжевен лик избива над локалниот и регионалниот книжевен и културен контекст.
– Јасно е дека „Гоце е национален херој, учесник во револуционерното движење, деец на револуционерната организација, идеолог, организатор и водач на македонското ослободително движење од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, бескомпромисен борец за самостојна македонска држава, и така натаму“, како што пишува Миневски. Ама, тоа е јасно за нас Македонците. Но како другите да го запознаат, како другите да знаат за кого станува збор? Токму преку ваквите приказни раскажани во вакви романи во кои се користи просторот на слободата од локалното и регионалното, а повторно со почит кон своето – вели Мојсова-Чепишевска.
На меѓународниот научен собир Његошеви денови во Црна Гора учествуваа повеќемина книжевни истражувачи од Македонија. Инаку, на овој собир, учесници се еминентни лингвисти, книжевни научници и културолози од европските земји, а македонски истражувачи учествуваат уште од првото издание. В.Д.