Фото: Пиксабеј

Бактериите што живеат во пустината, кои се хранат со сончева светлина, апсорбираат јаглерод диоксид и испуштаат кислород, би можеле да се вградат во боја што го дополнува воздухот во живеалиште на Марс. Бактеријата се нарекува крокоцидиопсис кубана (Chroococcidiopsis cubana).
Тимот предводен од микробиологот Симон Крингс од Универзитетот во Сари, Велика Британија, вели дека со зголемувањето на стакленичките гасови, особено јаглеродот во атмосферата, и загриженоста за недостигот од вода и зголемувањето на глобалните температури, ова е иновативно и еколошки прифатливо решение.
Бактериологот Сузи Хингли-Вилсон од Универзитетот во Сари вели дека најновите сознанија за споменатите бактерии можат да помогнат во соочувањето со овие предизвици со намалување на потрошувачката на вода, пренесува „Сајенс алерт“.
Оваа бактерија користи чуден тип на фотосинтеза што може да извлече максимум од условите на екстремно слаба осветленост и има резервен механизам за преживување. Таа се наоѓа во најтемните делови на Земјата, во длабоките пештери и во долната кора на Земјата под океанското дно.
Понекогаш живее во пустини, во услови што не се слични на оние на Марс, а нејзиниот метаболизам има одредени пожелни својства. Бактеријата зема јаглерод, кој го фиксира за да се трансформира преку фотосинтезата во органски соединенија, ослободувајќи кислород како дел од процесот.
– Фотосинтетичката бактерија има извонредна способност да преживее во екстремни средини, како што се суши, и по високи нивоа на изложеност на УВ – вели Крингс, објаснувајќи дека овие особини ја прават бактеријата потенцијален кандидат за колонизирање на Марс.