Фото: МИА

Судскиот совет денеска ги усвои извештаите за работата на судовите за второто тримесечие за 2023 година според кои поголемиот број основни судови низ државава се неажурни.

Во апелациското подрачје Штип во вториот квартал ажурни биле основните судови во Виница, Струмица и Штип, а неажурни основните судови во Делчево, Кочани, Радовиш и Свети Николе. Вишиот Управен суд и Управниот суд, исто така, биле неажурни.

Во апелационото подрачје Битола, сите судови биле неажурни, освен основните судови во Охрид и Ресен.

Ажурни биле Врховниот суд, Основниот кривичен суд Скопје, основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Гостивар, Дебар и Кичево, а неажурни биле Апелацискиот суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, основните судови во Велес, Крива Паланка, Куманово, Неготино и Тетово, како и Апелацискиот суд во Гостивар.

На денешната седница беше усвоен и извештајот за работата на Основниот суд Кочани, како и извештајот за оценување на судии од Управниот суд.

На денешната 461 седница, Судскиот совет, исто така, ја избра судијката Снежана Манев за претседателка на Основниот суд во Куманово. Со девет гласа „за“ и еден „против“, Манев беше избрана бидејќи, според Советот, била единствен кандидат и ги исполнувала сите услови наведени во огласот.

На денешната седница беше повторно донесена одлука да има оглас за избор на претседател на Основниот суд Велес, бидејќи единствениот пријавен кандидат на претходниот оглас немал доставено уредна документација.