Проектот, во соработка со американската владина агенција Дарпа, има цел да развие пионерски погонски систем за вселенски патувања.
НАСА ги објави плановите за тестирање ракети на нуклеарен погон со кои астронаутите ќе стигнат до Марс во „ултрабрзо“ време. Агенцијата соработуваше со американската владина агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана, за да демонстрира нуклеарен термички ракетен мотор во вселената веќе во 2027 година.
Проектот има цел да развие пионерски погонски систем за патување во вселената, многу поразличен од системите што преовладуваат од почетокот на модерната ракетна ера – пред речиси еден век.
– Користењето нуклеарна термална ракета овозможува пократко време на транспорт, намалувајќи го ризикот за астронаутите – се вели во соопштението на НАСА.
Намалувањето на времето на транзит е клучна компонента за човечките мисии на Марс, бидејќи подолгите патувања бараат повеќе резерви и поцврсти системи. Дополнителна корист би бил зголемениот капацитет за транспорт на инструменти и апарати потребни за научно истражување, како и подобра комуникација. НАСА, која минатата година успешно го тестираше своето вселенско летало „Артемида“ како отскочна штица за враќање на Месечината и Марс, се надева дека ќе ги однесе луѓето на Црвената Планета некаде во 2030-тите години. Мисијата „Артемида 2“ на НАСА е закажана за 2024 година.