Научниците од американската вселенска агенција НАСА отворија лунарен примерок, кој е запечатен откако е земен на Месечината пред 50 години.
НАСА соопшти дека отворила примерок, еден од последните од мисијата Аполо, за да се подготви за идното слетување на Месечината како дел од мисијата Артемис. Примерокот се наоѓа во вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА во Хјустон, а за процесот на отворање е задолжен одделот за истражување на астроматеријали АРЕС. Процесот се спроведува во рамките на програмата АНГСА и со помош на Европската вселенска агенција.
Разбирањето на геолошката историја и еволуцијата на примероците од Месечината на местото на слетување на мисијата Аполо ќе ни помогне да се подготвиме за типовите примероци со кои може да се сретнеме за време на мисијата Артемида. Целта на мисијата е да донесе ладни и запечатени примероци на Земјата од локација во близината на лунарниот јужен пол. Ова е возбудлива можност да се научат и разберат алатките потребни за собирање и транспортирање примероци, за анализа и складирање на Земјата за идните генерации научници – рече Томас Зурбухен, администратор на НАСА во Вашингтон.
НАСА зачувала неколку примероци од Месечината и не ги отворила, знаејќи дека науката и технологијата ќе напредуваат и ќе им овозможат на идните тимови да направат подобри анализи кога ќе ги отворат резервоарите. За отворање на резервоарите е наменета машината наречена „Аполо отворач на конзерви“, која ѝ припаѓа на Европската вселенска агенција. Оваа машина ќе го пробие резервоарот и ќе ги собере сите гасови во него, а потоа оваа пролет од него ќе бидат земени камењата и почвата.
Во септември минатата година, роверот „Персеверенсе“ на НАСА ги собра првите примероци од карпите на Марс, а американската вселенска агенција се надева дека ќе може да ги пренесе на Земјата по 2030 година. Пред тоа, има намера да испрати луѓе на Месечината, а примероците од резервоарот ќе помогнат за планирањето на мисиите.