„Скопски моден фестивал“

Првото издание на „Скопскиот моден фестивал“ почна со тридневна ревијална програма во трговскиот центар „Скопје сити мол“, каде што во текот на целиот нареден месец учесниците на манифестацијата од земјата и од странство ќе ги промовираат и продаваат колекциите за претстојната сезона. Под слоганот „Д фјучр ис презент“ деновиве се одржа официјалната премиера на оваа нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста.
Ревијалниот дел го отвори сестринското трио Ангелина, Ива и Сандра Китановски. Новата колекција на КТН го носи името „Тилери“ и ода на Катарина Медичи. Креаторката е инспирирана од нејзината родна Фиренца, со бои позајмени од најубавите цвеќиња и материјал налик свилено ткаење што ја следат линијата на парижанката.
Накитот „сигма“ ја претстави новата префинета колекција од злато и дијаманти за пролетната сезона. Како дебитанти на „Скопскиот моден фестивал“ се запишаа и три студентки на престижната косовска „Академија еволушн“ од Приштина, претставувајќи ги своите капсулни колекции. Заедничкиот настап на македонската дизајнерка Евгенија Зафировска и Теја Јеглиќ од Словенија, направи баланс помеѓу гламурот и одржливата страна на модата. Растенија, архитектура и град што се трансформира, традиционална форма и сосема нов правец, конзерваториум и канцелариски простор – симболично за влијанието на Амазон врз Сиетл e нивната инспирација за колекцијата „Инсајд“, сочинета од безвременски парчиња облека и чанти. Колекцијата ја карактеризираат острите и органските линии, изборот на материјал и рачната изработка.

Познатата грчка дизајнерка со интернационално реноме, Стела Папакоста, направи „хаос“ со ревијата на брендот „СТЛ студиос“. Колекцијата „Хаос 95“ е дефинирана со црвениот елемент и геометриските дезени, поставувајќи ги дизајнот и вниманието на деталите, со акцент на кроењето и еклектична употреба на материјали и наменски изработени ткаенини. Колекцијата може да ја носат и мажи и жени еднакво.
Огромно внимание меѓу присутните гости и на социјалните мрежи предизвика и колекцијата „Сестри“ со потпис на дизајнерката Сара Реџиќ, чија желба е да го спои и она што на изглед е неспоиво. Наменета е за жени што го сакаат шаренилото. Спортскиот бренд „Суперстејси“ доаѓа од Турција. Колекцијата „Брејк д рулс“ е инспирирана од визијата за модерна жена што решително одлучува да ги промени своите секојдневни навики, со цел да ја запознае подобрата верзија од себе.
Дизајнерката Стефанија Насеска прослави десет години од првата одржана ревија на истоимениот бренд, со перформанс за колекцијата „Д грејт“ на „Скопскиот моден фестивал“. Претставува стилски восхит кон ликот и приказ на космополитски залагања и погледи на Александар Велики кон светот, а поради јубилејната десетка во оваа колекција има елементи од секоја претходна.
Албанската дизајнерка Катерина Зото промовираше десет изгледи со артистичка нота, кои ќе направат жените да се чувствуваат посебно и сакано.

– Жените на кои им е посветена оваа колекција ретко носат високи потпетици, но секогаш имаат прекрасен портрет, поради што дизајнерката ги вклопи со рачно изработени ленти за глава и машнички по кои е препознатлива во Албанија – информираат од „Скопскиот моден фестивал“.
Ревијалниот дел на првата сезона го затвори гламурозната ревија на Емили Пишева Гоџирова, односно македонскиот бренд за висока мода „Емили ексклузив дизајн“. Колекцијата е деликатен микс на мода и уметност, а намерата ѝ е да предизвика чувство на среќа кај дамите што ја носат.

Вториот дел од програмата на Скопски моден фестивал е тринеделниот изложбено-продажен салон на приземјето во трговскиот центар, каде ексклузивно можат да се погледнат и купат креациите на мнозинството фестивалски учесници, на кои им се придружија дизајнерките Моника Димова и Мирјана Јосифоска и други.