Децата најмногу сакаат бајки, а возрасните со задоволство гледаат биографски филмови за исклучителни личности, кои ја инспирираат нашата цивилизација со своите достигнувања.
Инспирирани од реалниот живот на уметниците и научниците, овие филмски дела укажуваат на важноста на поимот биографска фикција, не само како книжевна форма туку и како категорија од пошироко општествено значење.
За разлика од чувствителните конзервативни средини, каде што славата е резервирана само за воено или политички мотивирани актери, јунаците од оваа листа, дури и во периодот на анонимност и професионално паѓање, го играат својот живот како потенцијално јавно добро. Во примерите што следуваат ќе видите како овие личности ги интегрирале цивилизациските вредности во својот опус и дело.

„Ван Гог“, режија Морис Пијала, 1991 г.

Проживеан во сиромаштија и релативна анонимност, животот на овој уметник нуди благодарен материјал за филмска адаптација. Филмот за холандскиот постимпресионист Винсент ван Гог, во режија на Морс Пијала, кој е автор и на сценариото (1925-2003), е лишен од стереотипите што творештвото на познатиот сликар го идентификуваат со трагични случувања. Оваа биографска драма е снимена во 1991 г., а за улогата на славниот сликар, Жак Дутронк ја доби наградата „цезар“ за најдобар актер во 1992 година. Дејството се одвива во 1890 година, а филмот ги следи последните 67 дена од животот на Ван Гог и ги истражува неговите односи со брат му Тео, со неговиот лекар Пол Гаше и со жените во неговиот живот, вклучувајќи ја и ќерката на Гаше, Маргерит.

„Волшебен пламен“, режија Вилијам Дитрел, 1955 г.

Холивудскиот филм на германскиот емигрант Вилијам Дитрел, иако своевремено незабележан, остана запаметен како најдобар филмски приказ на животот на познатиот германски композитор. Како класичен портрет на европскиот гениј, но и на неговиот покровител Лудвиг Втори Баварски, филмот ја прикажува реформаторската теолошка теза, според која, само одделни и ретки личности можат да бидат амадеуси, односно да бидат божји миленици. Филмот се засновува на книгата на Берта Хардинг објавена во 1953 година, за која критичарите рекоа дека „не е строга биографија, но не е ни фикција“.

„Лола Монтез“, режија Макс Офилс, 1955 г.

Последниот филм на славниот германско-француски режисер Макс Офилс е една во низата екранизации на животот на романтичната муза и куртизана Марија Долорес Елиза Розана Жилбер, грофицата од Ландсфелд, позната по псевдонимот Лола Монтез. За неа се знае дека меѓу другите им била љубовница на Франц Лист и на Лудвиг Први Баварски, која животот го завршила доброволно затворена во сценски кафез, како циркуска атракција во претстава посветена на нејзиниот живот. Главниот лик го толкува Мартина Керол, а филмот е работен по романот на Сесил Сен Лоран. Ова дело е екстравагантна сторија за уметничката експлоатација и предмет е на многу феминистички толкувања.

„Чајковски“, режија Игор Таланкин, 1970 г.

Иако во повеќето историски драми на кинематографијата на Советскиот Сојуз се чувствува пристрасна линија на политичката подобност и пропаганден интерес, оваа биографија на композиторот Петар Илич Чајковски, кого го игра Инокентиј Смоктуновски, далеку ја надминува верзијата во која главниот лик го толкува британскиот глумец Кенр Расел, снимена според истата биографска тема. Во овој руски филм, распнат меѓу интимните и јавните чувства. Чајковски го користи алкохолот како спиритуално прибежиште, како алхемиски механизам против светот што го опкружува полн со лицемерство.

„Тајната на Никола Тесла“, режија Крсто Папиќ, 1980 г.

Бројот на филмови снимени за Никола Тесла е голем, неговата филмувана биографија нуди 25 наслови. Режисерот Крсто Папиќ учествувал и во пишувањето на сценариото, а главната улога ја игра Петар Божовиќ. Во филмот глуми и Орсон Велс, кој го игра богатиот Џон Перпонт Морган, финансиер на Едисон, кој покажал интерес и за Тесла, ја следи кариерата на големиот пронаоѓач, кој придржувајќи се до сопствените убедувања, одбил да биде струково злоупотребен, па во име на принципите за Едисон работел како физички работник на поставување енергетски кабли во Њујорк. Овој портрет на Тесла говори за единствената научна миграција, толку прогресивна што ни опортунистичката култура каква што е американската не ја препознала навреме неговата пионерска величина.

„Грејс од Монако“, режија Оливер Дахан, 2014 г.

Оваа биографија беше дочекана на нож од страна на критиката, а е на овој список затоа што во една епизодна улога се појавува и славниот режисер Алфред Хичкок, чија омилена глумица беше токму Грејс Кели.
Со преселбата во Монако, таа ненамерно му ги замрси сметките на режисерот, кој планирал да ѝ ги понуди главните улоги во филмовите „Птици“ и „Марни“, кои подоцна ѝ ги понудил на Типи Хедрен, што и за двајцата предизвикало емотивен и професионален земјотрес. Во филмот, славниот Британец ќе ја посети Грејс во Монако, која ја игра Никол Кидман и цинично ќе ја праша: „Знам дека да се биде принцеза е сон на сите девојки, но ти не си која било девојка, зарем да се биде најголема холивудска ѕвезда не е подобро од тоа“?

„Големиот момент“, режија Престон Старџез, 1944 г.

Вилијам Томас Мортон, заболекар и несфатен пронаоѓач, кого во филмот го игра Џоел Мек Креа, дошол до откритие што ќе му користи на целото човештво. Заслужен е за едно од најголемите хемиски откритија на 19 век – начинот на кој етерот се користи во анестезијата. Фактот дека бил забар со ниска репутација само ја зголемува оваа филмска драма, снимена според книгата на Рене Филип Милер и во режија на Престон Старџес.
И кога гледаме како таканаречените угледни лица го исмеваат овој осамен визионер, нашето навивање за Мортон е поголемо од обично сочувство. Овој филм е врвна драматизација на оваа потценета историска личност.