Еден од најинтригантните, но во исто време и најкомплексните ликови на Марвел, конечно, оживува на големото платно со Џаред Лето, добитник на престижниот „оскар“, кој ќе се претвори во енигматичниот антихерој Мајкл Морбиус.
Во оваа акциска хорор-приказна, биохемичарот Морбиус се обидува да се излечи од ретка болест на крвта, со комбинирање терапии со електрошокови и мутанти на лилјаци, но наместо да се излекува, случајно се претвора во вампир. Тој покажува голема потреба од крв за да преживее, се крие од дневна светлина, има натчовечка сила, можност за самолекување, а може и да лета. Кога ќе ги гризне жртвите и ќе ја испие нивната крв, овие напади често завршуваат со смрт, но никогаш не се претвораат во вампири. Без разлика на сѐ, Морбиус решава да фаќа криминалци што ги смета недостојни за живот.

Морбиус е спиноф-филм на Спајдермен, а покрај „Веном“, тој е дел и од посебниот универзум на „Марвел“. Морбиус, кој понекогаш е негативец, а понекогаш и антихерој во стриповите на Марвел, припаѓа на франшизата за Спајдермен, а е создаден од Рој Томас и Гил Кејн. Тој првпат се појави на страниците на стрипот за чудесниот Спајдермен во 1971 година.
Џаред Лето се најде во главната улога на антихеројот Морбиус. Покрај него, во филмот играат и Џеред Харис, Адрија Арјона, Тајрис Гибсон и Мет Смит.