Момче со тешка епилепсија стана првиот пациент во светот што го проба новиот уред за контрола на напади, вграден во неговиот череп, објави Би-би-си. Невростимулаторот, кој испраќа електрични сигнали длабоко во неговиот мозок, ги намали дневните напади на Оран Ноулсон за 80 проценти.
Неговата мајка Џастин изјави за Би-би-си дека тој е посреќен и дека има многу подобар квалитет на живот. Операцијата беше спроведена во октомври како дел од испитувањето во болницата „Грејт Ормонд стрит“ во Лондон, кога Оран имаше 12 години. Оран од Сомерсет има Ленокс-Гастоов синдром, форма на епилепсија отпорна на стандарден третман што му се развила на тригодишна возраст. Оттогаш тој има од дваесет до неколку стотици напади секој ден.
Мајката на Оран, Џастин, пред операцијата објаснила дека епилепсијата доминирала во животот на момчето.
– Таа му го украде целото детство – рече таа и додаде дека нејзиниот син имал серија различни напади, вклучувајќи ги и такви во кои паѓал на земја, силно се тресел и ја губел свеста.
Оран има аутизам и АДХД, но Џастин вели дека неговата епилепсија е убедливо најголемата пречка.
– Имав многу весело тригодишно дете и за неколку месеци откако почнаа неговите напади, неговата состојба наеднаш се влоши и тој почна да губи многу од вештините – вели мајката на Оран.
Оран е вклучен во проектот ЦАДЕТ – серија на испитувања што ги проценуваат безбедноста и ефективноста на длабоката мозочна стимулација за тешка епилепсија. Партнерството ги вклучува болницата „Грејт Ормонд стрит“, Универзитетскиот колеџ во Лондон, „Кингс колеџ хоспитал“ и Универзитетот во Оксфорд.
Епилептичните напади обично се активираат при абнормални изливи на електрична активност во мозокот. Целта на уредот, кој емитува постојан пулс на струја, е да ги блокира или да ги прекине абнормалните сигнали. Операцијата, која траела околу осум часа, била извршена во октомври 2023 година.