Во Бејрут, Либан од 15 до 25 февруари се одржа изборот за „Мис на Европа 2023“ (Miss EUROPE 2023). Нашата држава ја претставуваше 24-годишната убавица Моника Црнокрак која успеа да ја освои титулата Мис фотогеничност (Miss Photogenic), во конкуренција на 35 девојки од исто толку европски држави.
Победничка, односно „Мис на Европа“ за годинава е претставничката на Италија, а прва придружничка е кандидатката од Русија.
Изборот се одржа во театарската сала на „Казино ду Либан“ во Бејрут, во организација на „Стајл евентс организејшн“ од Либан, која традиционално е домаѓин на овој најголем европски избор за убавина.
– Во Либан поминавме прекрасни две недели со другите кандидатки од цела Европа во подготовки за големото финале. Имаше и многу забави, дружење и прошетки низ целиот Либан, кој на мене остави фантастичен впечаток. Пресреќна сум поради титулата која ја освоив за мене, за Македонија и за модното студио „Црнокрак“. Ова e едно прекрасно искуство кое сигурно кје го паметам цел живот – изјави веднаш по финалето од Бејрут нашата Моника, која е ќерка на Светлана и Мики Црнокрак, сопствениците на истоименото модно студио.
Фото: Модно студио „Црнокрак“