Како можеше Бакингемската палата да ѝ дозволи на Кејт да ја преземе вината е едно од клучните прашања што одекнуваат во британската јавност. Како нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, дозволил таа да биде на столбот на срамот? За нештата да бидат уште полоши, покрај тоа што целиот свет зборува за Кејт, за фотошопираната фотографија и за нејзиното здравје, сега дури и блиските на принцот Хари и Меган Маркл почнаа да ја исмеваат принцезата од Велс, пишуваат британските медиуми, коментирајќи дека од слетувањето на Месечината немало толку многу заговори колку за автентичноста на фотографијата.
Едноставната семејна фотографија на Кејт со нејзините деца, која требаше да ги замолчи шпекулациите за нејзиното здравје и расположение, се покажа како целосно создадена со помош на фотошоп, што беше протолкувано како најголема пиар-грешка на кралското семејство во последните години, ако не и децении. Неколку часа по објавувањето на фотографијата, новинските агенции во светот соопштија дека ја отстрануваат фотографијата бидејќи очигледно е неавтентична, со најмалку 16 грешки. И наместо да ги потисне шпекулациите за здравјето на Кејт, аферата со фотографијата дополнително предизвика загриженост. Хаосот продолжи со извинувањето од самата Кејт во понеделникот.
– Како и многу аматери фотографи, повремено експериментирам со уредување фотографии. Сакав да се извинам за конфузијата предизвикана од семејната фотографија што ја споделивме – напиша таа.
Во меѓувреме, кралските извори ја туркаат приказната дека кутрата заблудена Кејт, едноставно, не знаела што прави. И покрај тоа што е физички болна, сега се вели дека Кејт е вознемирена што и самата предизвикала таков јавен хаос.