Изложба на јапонска графика на дрворези, со принтови од цртежи на најпознатите јапонски мајстори на дрворези, ќе биде отворена денеска, во 13 часот, во Ликовниот салон во Велес. Народен музеј – Велес и Амбасадата на Јапонија со задоволство ја најавија оваа изложба на големите јапонски мајстори на дрворези што го отсликуваат т.н. укијое од 17 и 18 век или јапонскиот лебдечки свет.
Изложбата ќе ја отворат Казуја Оцука, амбасадор на Јапонија, Горан Антевски, претседател на „АОТС Македонија“ и „АОТС Европа“, и кустотската Јасмина Намичева. Во следните три месеци изложбата ќе патува во Прилеп, Ресен, Охрид, Свети Николе, Виница, Неготино, Гевгелија, Богданци, за на крајот да дојде во Скопје во јуни. Во рамките на изложбата ќе бидат организирани работилници за ученици, за кои ќе се организира завршна изложба.
Патувачката изложба содржи 27 принта од цртежи на најпознатите мајстори на дрворези од 17 и 18 век.
– До публиката во Велес ќе допре шармот на „светот што лебди“, кој е отслик на подемот на трговската класа во градот Едо (денешно Токио) во периодот од раниот 17 век, и нивната хедонистичка филозофија, која ги подржува моменталните задоволства на животот, притоа славејќи ја убавината на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист. Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинуваат новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на укијое-мајсторите – вели Јасминка Намичева.
Изложбата е во организација на „Музеум линк“, здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје и Музејот на градот Скопје.