Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Грција и на Бугарија, Бугарскиот културно-информативен центар и Кинотеката на Македонија, и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонскиот филм, во знак на одбележување на месецот на франкофонијата.
Официјалното отворање е вечерва, во 20 часот, во Кинотеката, со проекцијата на швајцарскиот филм „Блех-музика“, на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал, од 2019 година. Настанот официјално и со пригодни говори ќе го отворат: Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, и Вероник Хулман, амбасадорка на Швајцарија во Македонија По проекцијата на филмот ќе следува посета на изложбата на македонската уметница Јана Манева-Чупоска.
Другите проекции во рамките на Неделата на франкофонскиот филм се на бугарскиот филм „Бескрајна градина“ на Галин Стоев (2017), романскиот филм „Слобода“ на Тудор Гиуригу (2023), албанскиот филм „Делегација“ на Бујар Алимани (2018), македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска (2022), францускиот филм „Дивертименто“ на Мари-Кастиј Мартијон-Шар (2023), белгискиот филм „Љубезните“ на режисерот Оливије Ранже (2022). Наредниот петок се затвора филмската недела со грчкиот филм „Ефтихија“ на режисерот Ангелос Францис (2019). Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за филмовите од нефранкофонско говорно подрачје е обезбеден превод и на француски јазик. Влезници за проекциите се резервираат и се подигнуваат во Кинотеката.