Песни што ме тераат да играм

Не, не е погрешно напишано името на градот Манчестер. Откако се стекна со светска репутација како најбитна точка на светската клупска и алтернативна сцена, Тони Вилсон го преименува градот во Медчестер поради инди-рок, денс и рејв-сцената, кои се појавија во Манчестер кон крајот на 1980-тите и раните 1990-ти години.

Почетоците на оваа сцена се во еден друг град, Чешир, кој се наоѓа на околу 40 километри југоисточно од Манчестер. Во продавницата за плочи „Омега“ доаѓала целата елита на таа сцена дотогаш тотално непозната (Морисеј, „Њу ордер“, „Стон роузис“, „Смитс“, Тим Бартон, „Шарлатанс“, Тони Вилсон…), а во компанијата што ги објавува плочите на горниот кат се потпишувале договори со дел од таа елита. Но големите клубови („Хациенда“, „86 Палатин роуд“, „Салфорд ладс клаб“) се наоѓале во Манчестер, кој му бил дом и на престижниот весник „Манчестер Гардијан“. Но со селењето на редакцијата во Лондон, во насловот останува само „Гардијан“. Манчестер е и едно од поважните пристаништа во Обединетото Кралство, иако е оддалечен од морето околу 55 км. Изградбата на неколку канали со голема длабочина и ширина ги донесе големите бродови до самиот центар на градот. Се градат производни капацитети, фабрики, компании, а најголем процент на населението е работничката класа. Децата на оваа класа растат во сиромашни услови во кои и нема којзнае што да се прави. И се свртуваат кон музиката.

Почетоците се во 1960-тите и 1970-тите кога оваа музичка сцена ги изнедри Холис, Греам Неш, „Би џиз“. Во средината на 1980-тите и 1990-тите доаѓа до поголема индустријализација и многу работни места се загубени. Фабриките се празнат и се издаваат за евтини пари. Дел од тие фабрики стануваат банки, мали компании за услужни дејности, а дел ги преземаат млади бендови што создаваат своја музика. Затворените фабрики стануваат музички клубови. Со тоа нивната сцена добива сѐ: млади групи со своја оригинална музика и визија, музички новинари критичари, слобода во изразувањето, места – клубови за излегување, играње, свирење, продуцентски компании, публика, но и плодна почва за критикување. Еден од најпознатите клубови е „Хациенда“ од кој започнува сѐ. Сите бендови свират тука, денс, инди-рок, рејв, хаус, електронска, психоделична музика… заживува клупската сцена. Се консумираат екстази во огромни количества. Манчестер станува највлијателното место на светската клупска, рејв и инди-рок сцена. Влијанието е неверојатно, неповторливо. Дел од таа сцена се „Џој дивижн“, кои по самоубиството на Јан Кертис комплетно ги сменија стилот на музиката и името и како „Њу ордер“ стекнуваат светска слава. Според дел од светската критика, тоа е веројатно највлијателната група од оваа сцена. Други, пак, сметаат дека „Стоун роузис“, „Смитс“ и „Оезис“ се највлијателните групи што произлегоа од таа сцена. Она што на сите им е заедничко е што имаат свирено во „Хациенда“, а клучната личност на сето ова е Тони Вилсон, кој освен што е еден од основачите на клубот, истовремено е и сопственик на „Фактори рекордс“.

Љупчо Давчев