Фото: Твитер

Масло што ќе се користи за помазание на британскиот крал Чарлс Трети, на неговото крунисување во мај, е осветено во Ерусалим, што ги одразува врските на британскиот монарх со светата земја, соопшти Бакингемската палата, а пренесува „Ројтерс“.

Неговото блаженство Теофил Трети, грчкиот православен патријарх на Ерусалим и англиканскиот надбискуп на градот Хосам Наум го благословија маслото во црквата на Светиот гроб, се додава во соопштението.

Маслото ќе се користи за помазување на кралот Чарлс и кралицата придружничка Камила за време на церемонијата на крунисување во Вестминстерската опатија во Лондон на 6 мај.

Традиционално, маслото се истура од ампула на крунисувачката лажица, а потоа со неа се помазуваат рацете, градите и главата на владетелот.

Осветеното масло е направено од маслинки собрани од две насади на Елеонската Гора, источно од Ерусалим, во близина на манастирот „Свето Вознесение“ и манастирот „Марија Магдалена“, каде што е погребана бабата на Чарлс, принцезата Алиса од Грција.

Надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, кој ќе ја води службата, рече дека неговата желба е маслото да биде од Маслиновата Гора.

– Ова ја покажува длабоката историска врска меѓу крунисувањето, Библијата и светата земја. Од античките кралеви до денес, монарсите се помазани со масло од ова свето место – рече Велби, духовниот поглавар на Англиската црква.

Маслото, ароматизирано со сусам, роза, јасмин, цимет и цвет од портокал, има ист состав како маслото користено за крунисувањето на покојната кралица Елизабета пред 70 години, а таа формула се користи стотици години, се вели во соопштението од Палатата.