Иднината дефинитивно носи некои нови стандарди, а така е дизајниран и летачкиот хотел, кој благодарение на нуклеарната енергија ќе може да лета неколку години без воопшто да ја допира земјата. Според амбициозниот дизајн на пловечкиот хотел на иднината под името „Скај круз“ – авионот може да прими 5.000 гости. Во описот, дизајнерите наведуваат дека крстосувачот би бил напојуван од нуклеарна енергија, контролиран од систем за вештачка интелигенција и би имал своја опсерваторија во форма на диск каде што патниците би можеле да видат неверојатни прикази.
Дизајнерите тврдат дека додека бродот може да остане во воздух со години, патниците ќе бидат снабдени со резерви преку електрични комерцијални или приватни авиони, кои би можеле да слетаат на врвот на крстосувачот.
Во видеото, чиј дизајн е на Тони Холмстен и анимација на Ал-Гајли, се тврди дека „Скај круз“ ќе има 20 електрични мотори што ќе обезбедуваат „чиста, нуклеарна енергија“.
Летачкиот брод е претставен како луксузна дестинација за одмор, слична на брод за крстосување, каде што ќе има повеќе барови и ресторани, базени, палуби за набљудување, кина и театри и соби за игри – како и места за свадби достапни за двојки.