Новиот студиски албум „Нека нова јутра“ на популарната група „Црвена јабука“ конечно е пред фановите. Најавен со насловната песна и спот, овој албум го разбуди медиумскиот интерес на целиот регион. И овој албум, како и дузина претходни на „Црвена јабука“, е во издание на најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“. Автор на повеќето песни е Мирко Шенковски – Џеронимо кој заедно со Дражен Жериќ – Жера и Ларис Пашалиќ ги потпишува и сите аранжмани на песните.
Петнаесет нови песни со ретро звук потсетуваат на „Јабука“ во нејзините најдобри денови. Како и секогаш, темата на песните е љубовта, а на многу од нив се провлекуваат контурите на Сараево.
Покрај Џеронимо, авторскиот тим го сочинуваат: Дино Мухаремовиќ, Фадил Бутуровиќ, Драгана Кајтазовиќ-Шенковски, Мирза Хамзакдиќ Харо, Амир Мисирлиќ и Златан Фазлиќ.
Албумот содржи и преработка на големиот хит на Нови фосили – „Тонка“, која Жера ја отпеа во спомен на големиот композитор и пријател Рајко Дујмиќ и Марио Пејиќ, а она што особено ќе им се допадне на фановите во Македонија е песната „Ако умрам, ил загинам“, напишана од Јонче Христовски, која во оваа прилика Жера маестрално ја отпеа.
Колку добро звучи кога Жера пее на македонски фановите ќе се уверат кога ќе започне нивната голема промотивна турнеја, а еден од првите големи концерти е закажан за Денот на вљубените во загрепската арена.