Најпопуларниот, но во исто време и најоспоруван француски писател, Мишел Уелбек, кој досега поради своите ставови неправедно беше обвинет за порнографија, мизогинија и исламофобија на Западот, повторно ја шокираше западната јавност со изјавата дека не се грижи за судбината на Украина. Во интервју за „Фајненшл тајмс“, дадено по повод објавувањето на неговиот последен роман „Поништено“ на англиски јазик, Мишел Уелбек потврди дека сè уште го поддржува Доналд Трамп, кому му ја изразил својата поддршка во есеј од 2019 година.
– Трамп нема да започнува војни – рече Уелбек, додавајќи дека би било „добро“ доколку републиканскиот кандидат престане да ја поддржува Украина кога повторно ќе стапи на функцијата претседател на САД.
Кога авторот на интервјуто изјавил дека Украинците сакаат да ја „ослободат својата територија“, Уелбек одговорил: „Не ми е гајле“, во интервјуто насловено „Луѓето со хуманитарни идеи се катастрофа“.
Мишел Уелбек (1958), кој е прогласен за најголем мизантроп на новата француска литература, а во исто време е и жесток критичар на нехуманоста, декаденцијата и нихилизмот на капиталистичкото општество, својот пробив на книжевниот пазар делумно го должи и на радикалните антиклерикални и антиисламски ставови. Но, и покрај тоа, европската книжевно-критичарска сцена го смета за најважен француски писател по Сартр. По објавувањето на неколкуте наградувани збирки поезија на почетокот на 1990-тите, неговиот романсиерски период започнува со „Проширување на полето за борба“ во 1994 година, а продолжува четири години подоцна со „Елементарни честички“. „Платформа“ од 2001 е негов трет и можеби најконтроверзен роман, а потоа го издаде и „Можноста на еден остров“, со кој влезе во најтесниот круг за Гонкуровата награда.